Во кој било момент можете да го приготвите овој сладолед. потребни ви се само три состојки и една стаклена тегла со капак кој добро се затвора, бидејќи содржината треба да се протресе. Многу едноставно и вкусно, еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 240 мл полномасна слатка павлака (хопла, мегле или друг проверен производител), 2-3 мали лажички шеќер во прав или малку мед по вкус (во зависност од тоа дали павлаката е засладена или не) и 1 мала лажичка ванилин екстракт.




ПОСТАПКА: Најпрво теглата ставете ја во фрижидер или замрзнувач на неколку минути за добро да се олади. Слатката павлака исто така треба да се чува во фрижидер. Измерете 240 мл слатка павлака и претурете во оладената стаклена тегла.




Додајте 2-3 лажички шеќер во прав или повеќе, а може да ставите мед (во течна состојба) или некој друг засладувач (маџун, стевија, јаворов сируп, малтекс, брезов шеќер…) по ваш избор и вкус.




Потоа додајте една мала лажичка екстракт од ванила или извадете ја срцевината од половина или цела мешунка свежа ванила. Затворете ја добро теглата со нов капак. Ова е многу важно за да не ви прска додека ја протресувате теглата.




Откако ги ставивте сите состојки, започнете со енергично протресување на теглата, слично како да правите некој коктел. Можеби најдобро е да си пуштите некоја музика чиј ритам ќе ви одговара, па дури и малку да танцувате, вели Драгана презентирајќи го овој рецепт.




После 5 минути ќе почувствувате и слушнете како да отежнала содржината, но и самата тегла, па отворете ја теглата и проверете дали сладоледот е направен. Содржината треба да е згусната не како шлаг, туку повеќе како полутечна кремаста маса.




Можете да ја замрзнете во фрижидер сосе теглата, или да ја претурите во мали садови или пак да додадете некои ваши омилени вкусови, како што се на пример мелени јаткасти плодови, овошје или пак чоколадни струготини.




Исечкајте 30-50 г чоколадо или повеќе по вкус, една рака свежи вишни исчистени од семките и додајте ги во теглата. Затворете ја теглата и уште малку протресете, па оставете ја теглата во фрижидер да отстои 2-3 часа.

После само 2 часа сладоледот е убаво стегнат и спремен за послужување. има убава мазна структура и нема кристалчиња од мраз. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во презентацијата на Драгана ОВДЕ.