Фото и рецепт: Изабела Трајковска

Рецептот на овие прекрасни еклери ни го претстави нашата драга членка Изабела Трајковска во нашата и ваша група НМД рецепти.

Таа вели дека ги нарекла “Пролетни еклери”, бидејќи: “Ако не ја почувствувавме оваа пролет околу нас… барем да ги декорираме колачите со веселите убави бои на пролетта…”

Потребни состојки:

250 мл вода
125 мл масло
1 прстофат сол
1 прстофат шеќер
150 г брашно
6 јајца

Постапка:

На оган се ставаат да зоврјат водата и маслото со прстофат сол и шеќер. Потоа садот се трга на страна и постепено се додава 150 г бело брашно со потојано мешање. Смесата повторно се враќа на оган и се меша за да не загори брашното. Потоа се трга на страна и се остава целосно да се излади.

Во тестото се додаваат едно по едно 6 јајца (се меси сè додека јајцето да се впие и соедини во тестото, па потоа се додава следното јајце).

Еклерите можете да ги формирате како што сакате, може со шприц или со лажица. Се ставаат во плех обложен со хартија претходно намастена со маргарин.

Се печат во загреана рерна на 200 степени околу 25-30 минути. Во текот на печењето и после печењето не се отвора рерната. Се оставаат со исклучена рерна да стојат уште 40-60 минути.

Потоа се филуваат.

Потребни состојки за фил:

800 мл млеко
2 пудинзи од ванила
7-8 супени лажици шеќер
2 ванилин шеќер
100 г маргарин

Постапка:

Се вари пудингот според упатството и кога ќе подизлади се додава маргаринот и се меша додека да се растопи и соедини (нема потреба од миксер).

Се филуваат еклерите и се декорираат. Јас ги декорирав со шлаг крем и со овошје, со киви и вишни – декорација во боите на пролетта.

Фото и рецепт: Изабела Трајковска