Рецепт со видео прилог на Том Филос.
Доколку не сте пробале проја со сирење и ситно сечкан праз досега, време е да пробате. Сите состојки ги мешате во поголем сад, смесата ја печете, а потоа уживате во вкусот. Празот освен што е многу здрав, на печивата им дава неверојатно добар вкус. Испробајте го рецептот на Том Филос и пригответе им на најмилите вкусен и здрав оброк.
Потребни состојки: 5 јајца, 200 мл масло, 400 мл јогурт, 1 лажичка сол, 150 г пченично бело брашно, 300 г пченкарно брашно, 10 г прашок за печиво (1 кесичка), 250 г сирење, 250 г праз и сусам за наросување одозгора
Постапка: Во подлабок сад изматете пет јајца со жица за матење, па додадете 200 мл масло. Продолжете со матење и додадете 400 мл јогурт. Посолете со една лажичка сол, па додадете 150 г пченично бело брашно, 300 г пченкарно брашно и 10 г прашок за печиво. После додавање на секоја состојка добро промешајте за да се изедначи смесата.
Во полутечната смеса додадете 250 г дробено сирење и 250 г ситно сечкан праз. Промешајте добро со лажица за рамномерно да се изедначат состојките. Добиената смеса излејте ја во тепсија со средна величина (претходно малку намастена), а одозгора наросете сусам.
Ставете да се пече во добро загреана рерна на 250 степени, а после 15 минути намалете ја температурата на 200 степени и печете уште 20 минути. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.