И да немате никакво искуство во кујна, со овој лесен рецепт ќе направите едно мало, но вистинско ремек дело.
Рецептот е едноставен и лесен, па можете да го приготвувате секој ден, за појадок, ручек или вечера. Се добива прекрасна, мека како памук погача со богат мирис и вкус. Следете ги сите потребни чекори, а крајниот резултат ќе ве воодушеви.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 јајце (50 г), 3 супени лажици шеќер (40 г, но вие може да ставите и помалку, доволна е 1-1,5 лажица), 110 мл млако млеко, 1 мала лажичка сув квасец (3 г), 250 г брашно, 1/2 мала лажичка сол (3 г), 2 супени лажици путер (30 г).
И уште јајце и путер за премачкување. Се пече 25 минути на 170 степени во калап 20 см.
ПОСТАПКА: Во длабок сад за месење ставете едно јајце на собна температура, додајте шеќер, 110 мл млако млеко, една лажичка сув квасец, па добро промешајте со лажица или жица-маталка додека сите состојки убаво да се соединат.
Во течните состојки започнете постепено да додавате 250 г брашно со постојано мешање на лажицата.
Посолете, па кога веќе нема да можете да мешате со лажица, тестото измесете го со рака. Доволни се неколку минути колку сите состојки да се соединат и да се добие компактно тесто.
Тестото е средно меко, делува како влажно и сосем малку лепливо, но откако малку ќе одмори, совршено ќе се обликува. Покријте го и оставете го 20 минути на топло место за да стаса и малку да ферментира квасецот. По изминатото време тоа ќе биде еластично.
Тестото истресете го на работна површина, малку со прстите развлечете го, па во неговата средината ставете 30 г омекнат путер.
Опфатете го од сите страни тестото и неколку минути месете го додека путерот да се инкорпорира во него. Неколку пати уд-рете го од површината. Тоа ќе стане совршено мазно.
Формирајте топка и вратете го во садот, покријте го со проѕирна фолија и оставете го да ферментира еден час.
Стасаното тесто истресете го врз работната површина, па поделете го на пет еднакви делови. Од секој дел формирајте топче. Покријте ги со фолија и оставете ги да одморат 15 минути.
После секоја обработка на тестото добро е да се остави малку да одмори, за следното работење со него да биде уште полесно. Потоа секое топче со помош на оклагија развлечете во кора со пречник од 18 см. Секоја кора премачкјате ја со омекнат путер, па поклопете ја со следната кора.
Последната кора не се премачкува. Откако ќе ги наредите сите пет кори една врз друга, со нож и кујнска шпакла направете засеци, формирајќи триаголници, но од внатрешна страна, така што надворешниот обрач на тестото останува целосен (погледни фото и видео).
Откако ќе добиете 8 внатрешни триаголници, на секој направете му еден средишен засек кој не ги допира краевите.
Потоа секој триаголник преку долната страна свртете го кон надвор. Кога ќе добиете форма на сонце со 8 зраци, секој триаголник сега пикнете го со остриот агол еднаш внатре во себе, па превртете го кон центарот на прстенот.
За ова најдобро е да го погледнете видеото и ќе видите колку е всушност едноставно за правење, а се добива многу украсна декорација.
Погачата префлете ја во калап обложен со хартија и покријте ја да одмори 50 минути. Ова е втората ферментација со која погачата ќе стане мека како памук.
На крај премачкјате ја со едно изматено јајце и ставете ја да се пече во претходно загреана рерна на 170 степени околу 25 минути. Доколку е потребно пред крајот покријте ја погачата со фолија за да не потемни премногу одозгора.
Печената погача додека е топла премачкјате ја одозгора со растопен путер. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.