Ова е предлог за за тоа како би можел да ви изгледа неделниот ручек во кругот на вашето семејство. Пилешка супа и похувани шницли се некако класика за неделен ручек, но овој полнет компир е баш превкусен. Малку павлака, кашкавал, магдонос и сол, печен во рерна, милина. Покрај тоа, кој сака може и зелка салата, и медалјони од тиквички.

РЕЦЕПТ ЗА ПИЛЕШКА СУПА

Потребни состојки:

500 г пилешко (грб, врат, крила..)
1 главица кромид
1 врзот за супа (корен од магдонос, морков, пашканат)
келераба, целер
2 чешниња лук
сув зачин, сол, црн пипер, магдонос
Во супата можете да додадете и крупно сечени тиквички, карфиол, брокула, боранија или во зависност од она што вие сакате.

Постапка:

Сите состојки добро измијте ги и исчистете ги, па крупно исечкајте ги и ставете ги заедно да се готват на тивок оган. Кромидот пресечете го на половина, малку запечете го, па ставете го со останатите состојки.

Ставете сув зачин, сол и мала лажичка шеќер. Кога ќе ставате вода на почетокот, таа треба да го покрие зеленчукот, но бидејќи ќе испарува, додадете подоцна уште две чаши врела вода.

Супата треба да врие на тивко, колку само да “брбори”. Се вари најмалку 2 часа. На крај се проверува дали има доволно течност. Не треба да се меша за да не стане матна како чорба.

РЕЦЕПТ ЗА ПОХУВАНО МЕСО

Свински или телешки шницли добро исчукајте ги со чекан. Посолете ги и запиперете ги по вкус. Загрејте масло со длабочина од еден прст на малку посилен оган. Секоја шницла прво извалкајте ја во брашно, па во изматено јајце и на крај во презла (лебни трошки).

Ставете ги шницлите да се пржат па намалете ја температурата на умерено додека да заруменат од двете страни.

РЕЦЕПТ ЗА ПОЛНЕТ КОМПИР

Потребни состојки:

4 поголеми компири
сол и црн пипер
200 г путер или маргарин
неколку лажици кисела павлака
кашкавал, зачини по желба, алу-фолија

Постапка:

Вклучете ја рерната на 200 степени. Секој компир добро измијте го, ако е млад не мора да се лупи, а ако компирот е стар, тогаш излупете го. Пресечете го на половина. Путерот поделете го на 12 делови.

На секоја половина компир ставете парче путер и завиткајте го со фолија. Наредете ги во тепсија и ставете да се пече околу еден час. Останатите 4 парчиња путер ќе ви бидат потребни за подоцна.

Печениот компир внимателно извадете го и одвиткајте го од фолија, внимавајќи да не се изгорите. Оставете малку да излади, па со лажичка издлабете ја средината колку можете. Внимавајте да не ви се распадне.

Издлабениот компир наредете го во тепсијата, а остатокот од компирот испасирајте го, зачинете го, додадете путер и малку павлака, па промешајте.

Наполнете ги издлабените компири и одозгора ставете рендан кашкавал. Наросете и малку сечкан магдонос, па вратете во рерна за да се запече.

РЕЦЕПТ ЗА МЕДАЛЈОНИ ОД ТИКВИЧКИ

Потребни состојки:

1 кг тиквички
1 главица кромид
3 јајца
презла/лебни трошки
зачини по вкус

Постапка:

Sиквичките излупете ги и изгрендајте ги на крупно ренде. Посолете ги и оставете ги половина час за да ја испуштат течноста. Потоа добро исцедете ги со стискање.

Во исцедените тиквички додадете 3 јајца, ситно исечкана главица кромид и зачини по вкус. На крај додадете презла одокативно додека мешате со виљушката.

Смесата треба да добие густина колку да може со рака да се формираат медалјоните, со дебелина од околу 2 см.

Секој медалјон на крај валкајте го во презла, уште малку дообликувајте го и ставете го да пржи на умерен оган, додека да зарумени од двете страни.

РЕЦЕПТ ЗА САЛАТА ОД ЗЕЛКА

Зелка-салатата ја правиме стандардно по свој вкус. Ја сечеме зелката или ја рендаме, наросуваме масло и оцет, може и малку вода да се додаде, посолуваме по вкус. Исто така, може да се додаде половина ситно сечкано лукче и прстофат шеќер.

Ако користиме алкохолна киселина тогаш ставаме малку шеќер, а ако користиме јаболкова киселина, тогаш нема потреба.