Овој рецепт одамна ми беше препишан од некаде, па најпосле му дојде редот за испробување и можам да ви кажам дека многу едноставно се приготвува, а пирошките излегуваат одлично. Секогаш кога немате време можете да ги приготвите и за кратко време да имате вкусна закуска на масата – Икка.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 300 г кравјо младо сирење, 300 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво, 1 лажичка сол, масло по потреба за пржење. ПОСТАПКА: Изматете ги пенасто јајцата, па додајте го сирењето претходно ситно издробено.




Дополнително промешајте со виљушка за да се изедначат јајцата и сирењето, а ако сакате, може да оставате и крупни парченца. Потоа додајте сол и брашно помешано со прашок за печиво. Брашното додавајте го постепено додека мешате, најпрво со лажица, а потоа и со рака.




Добиеното тесто нема потреба да отстојува. На малку набрашнета работна површина истресете го тестото, одозгора малку наросете го со брашно и со помош на оклагија развлечете кора со дебелина од 1 см.




Потоа сечете лентички и пржете во загреано масло додека да заруменат од двете страни. / Сооlinarika.com. Прочитајте уште еден сличен рецепт за брзо печиво-пирошки кое сигурно ќе ве воодушеви со вкусот:




Потребни состојки: 1 кг бело меко брашно, 300 м густ јогурт, 50 мл масло, 350 мл млако млеко, 2 цели јајца + 1 жолчка, 40 г свеж квасец, 2 лажици шеќер и 1 лажица сол. За фил: 300 г сирење и 1 белка




Постапка: Во млако млеко растопете го квасецот, додајте шеќер, сол, масло и разматени јајца. Брашното просејте го и во средината направете вдлабнатина, па додајте јогурт (замлачен или на собна температура), па полека додавајте го млекото и замесете тесто.




Тестото покријте го и ставете го во фрижидер да одмори најмалку еден час, а може и повеќе. Ова тесто може да стои со часови и денови, бидејќи постапката е иста како за „лудо тесто“, тоа убаво ќе порасне и во фрижидер.




Кога сакате да правите пирошки, само откинете од него колку што ви е потребно и без премесување развлечете кора со дебелина од 1 см, сечете на квадрати, премачкајте ги малку со вода и филувајте ги со сирење помешано со белка. Пирошките затворете ги а краевите притиснете ги малку со прстите за да не излегува филот.




Овие пирошки се пржат во длабоко масло околу 3-4 минути, се вадат и се редат врз хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. Тие се крцкави однадвор а меки одвнатре. Послужете ги со јогурт, кисела павлака, млеко…