За претстојните празници направете кремаста и неодолива торта за чија подготовка нема да одвоите повеќе од 15 минути. Ништо не се пече, а готвењето ќе ви одземе само 5 минути. Погледнете од какви состојки се приготвува, па ќе ви стане јасно дека оваа торта ќе им се допадне и на оние со пребирлив вкус.




Јас на пример, за првпат ја направив минатиот Божиќ, и оттогаш ја имам приготвено уште неколку пати, зашто кој и да ја проба е воодушевен. Кога ги соединив кремовите, си реков „тоа е тоа“, не ми треба ништо друго, ова е совршениот вкус по кој сум трагала сиве овие години.




Ако барате добар рецепт за торта чија главна состојка е чоколадото, но содржи и вкусно крем сирење и ореви, ова е вистинскиот десерт за вас. Се подготвува од само шест состојки и може секој да ја направи, па дури и оние кои се почетници во кујната, пишува НМД. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г бисквити со какао (потемни, но може и обични, секако ја имам испробано и излегува одлично), 100 г ореви (може и лешници), 80 г путер, 200 г чоколаден намаз (нутела, еурокрем или сл.), 400 г крем сирење (маскарпоне, филаделфија…), 200 мл слатка павлака, 50 г шеќер во прав




ПОСТАПКА: Двеста грама бисквитите по ваш избор (потемни во оригиналниот рецепт) крупно искршете ги со рака, а потоа со рачен блендер ситно сомелете ги во прав. Може да ги сомелите и во блендер или на обично машинче, а потоа на ист начин сомелете ги оревире (100 грама се доволни).




Во подлабок сад измешајте ги мелените бисквити и мелените ореви додека да се изедначат, а потоа додајте 80 г растопен несолен путер. Промешајте со лажица или шпатула додека да добиете смеса со конзистенција на влажен песок, која истовремено е и ронлива, но и леплива и може да се обликува со рака.




Смесата истурете ја во помал калап за торти (18 см) обложен со хартија за печење (за поголема торта зголемете ги состојките). Рамномерно распоредете на дното и страните, па со лажица или дното на една чаша добро натапкајте ја во тенок слој кој ќе биде база на тортата. Ако сте правеле чизкејк, овој чекор ви е познат.




ЗА КРЕМ: Во подлабок сад ставете 200 г крем сирење на собна температура и 200 г омекната нутела или друг лешников-чоколаден крем, па пенасто изматете ги со миксер додека да добиете убава, изедначена, мазна и кремаста смеса.




Филот излејте го врз подлогата од кекси, па рамномерно распоредете и израмнете. Во посебен сад ставете 200 мл слатка павлака и изматете додека да добиете шлаг. Пред крајот на матењето додајте 50 г шеќер во прав ако не е доволна засладена (или по вкус).




Во посебен сад изматете го крем сирењето, па додајте го шлагот од слатката павлака и соединете ги со помош на миксер. Овој крем рамномерно распоредете го врз чоколадиот, па израмнете.

Одозгора наросете мелени и ситно сечкани ореви или лешници, а доколку сакате дополнително декорирајте со уште чоколаден намаз. Пред дегустација оставете ја тортата да се олади и стегне неколку часа во фрижидер (најмалку 2 часа).