Поздрав драги пријатели, денес со вас ќе споделам еден одличен рецепт. На многу едноставен и лесен начин можете да ја направите највкусната погача која досега сте ја пробале. Со малку труд, а многу љубов, сите ќе се воодушеват од вашата умешност. Затоа, не пропуштајте го овој рецепт на Валентина Машковиќ и пригответе путер погача за претстојните празници:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 800 г + 150 г брашно, 1 мала лажичка шеќер, 2 лажички сол, 100 мл масло, 1 јајце, 30 г свеж квасец (1 кесичка сув квасец од 10 г), 400 мл вода (или млеко) или по потреба, 200 г путер или маргарин за премачкување, 1 жолчка + 2 лажици млеко, сусам, ленено семе




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад за месење просејте го брашното и во средината направете вдлабнување како бунарче. Во тоа вдлабнување ставете една лажичка шеќер, 100 мл масло, 1 јајце на собна температура, 30 г свеж изронет квасец или една кесичка сув квасец од 10 г.




Налејте малку топла вода или млеко колку да се раствори квасецот, па со рака или кујнска маталка промешајте за се впијат течните состојки во брашното. Додајте две лажички сол и со постепено додавање на млаката вопда замесете компактно тесто, средно меко по густина.




Кога тестото ќе започне да се одвојува од ѕидовите на садот истресете го врз набрашнета работна површина и продолжете со рачното месење 10-тина минути за да добие еластичност.

Не мора да сте мајстори во месење, ако не знаете како да месите, едноставно тегнете ги страните и префрлувајте го тестото како да го покривате и на овој начин направете диплење. Доколку имате искуство, измесете го тестото на вообичаен начин.




Тестото обликувајте го во векна (или валјак), малку намастете го или провлечете го врз тенко намастена работна површина, па поделете го на 8 приближно еднакви делови и 1 помалечко (двојно помало од другите) кое ќе се употреби за средината на погачата. Обликувајте топчиња и премачкјате ги со масло. Покријте ги со кеса и оставете ги 15-20 минути да стасуваат.




По изминатото време, топчињата тесто префрлете ги настрана врз набрашнета работна површина, па започнете едно по едно да ги обработувате. Ставете едно топче пред себе врз набрашнета површина, наросете го одозгора со малку брашно, сплоснете го со дланката, па развлечете го со оклагија во тенка правоаглеста кора.




Преку целата површина со кујнска четка премачкјате ја кората со омекнат-полурастопен путер или маргарин, а потоа на горната половина направете засеци на растојание од приближно 1.5 см, не до крај, за да се добие ефект на „гасеница“ кога ќе се свитка во кифла. Оваа погача е „празна“, но по желба на вториот дел од кората може да ставите ситно сирење или фил по желба, да ја свиткате во ролна-кифла.

Постапката повторете ја и со преостанатите седум теста, а приготвените ролатчиња (свиткани како палачинки) оставајте ги настрана под кеса, додека ги приготвувате другите. Со хартија обложете длабока тепсија или тенџере погодно за печење погача, па наредете ги ролатчињата ѕвездесто, како краци, од центарот кон крајот, а средишниот дел оставете го празен.

Најмалото топче тесто пригответе на ист начин како и претходните, но ролчниката потоа свиткајте ја како полжав. Поставете го центарот на погачата.

Една жолчка разматете ја со две лажици млеко, па со кујнска четка премачкјате ја погачата. По желба наросете ја со сусам, ленено семе или семки по ваша желба. Покријте ја и оставете во топла просторија да стасува еден час.

Потоа ставете да се пече во претходно добро загреана рерна на 200 степени во времетраење од 15 минути, па намалете ја температурата на 180 степени и продолжете со печење приближно уште половина час. Деталите погледнете ги ОВДЕ.