Тортата се нарекува „Шехеразада“ и за неа има мноштво различни рецепти. Препознатлива е по двобојноста, „турскиот кекс“ и вкусот на карамелот. Не се пече, доста е поволна, но и обилна, а се прави брзо и лесно. Тортата не содржи ниту путер или маргарин, а истиот е заменет со малку шлаг со вкус на чоколадо.
За оваа прекрасна, кремаста и доста голема торта, ќе ви бидат потребни само кекси, млеко, пудинг, шлаг и шеќер. Можеби ви се чини неверојатно, од толку малку состојки да добиете торта која во фрижидер може да потрае 2 или 3 дена, во зависност од бројот на гостите за кои ќе ја подготвувате.
Потребни состојки: 2 пакувања „турски кекс“ (2 х 300 г), 4 кесички пудинг со вкус на карамел, 2 литри млеко, 10 лажици шеќер, 600 г бел шлаг крем, 90 г шлаг-крем со вкус на чоколадо, шеќер во прав по потреба.
Постапка: сварете 4 пудинзи во 1 литар млеко со додаток од 10 лажици шеќер, според упатството на кесичката. Ќе добиете доста густ пудинг. Сварениот пудинг покријте го со проѕирна фолија за да не се зафати коричка на него и оставете така да се олади.
Шлаг-кремот изматете го со млекото. Мене ми беше потребно помеѓу 700 и 800 мл млеко, бидејќи сакав шлагот да биде густ и кремаст. Меѓутоа, не треба ниту да биде прашкаст, па доколку сметате дека треба, додајте уште малку млеко. Ако нви се чини дека шлагот не е доволно сладок, тогаш додајте и малку шеќер во прав.
Изматениот шлаг ставете го во фрижидер. Во друг сад изматете шлаг-крем со вкус на чоколадо со 170-180 мл млеко. И овде количината на млекото повторно зависи од самиот шлаг, мене оваа количина ми беше доволна, шлагот беше густ, но убаво изматен и кремаст.
Сварениот пудинг кога ќе се олади префрлете го сад за матење. Додајте неколку лажици од изматениот чоколаден шлаг и кратко изматете го со микер. Додајте уште неколку лажици и повторно изматете и така додавајте и матете додека да ја добиете саканата густина.
Јас го употребив целиот шлаг и филот воопшто не беш редок, туку фино кремаст. Подгответе послужавник со димензии 25х35 см, па наредете кекси (по желба кој сака може кратко да ги натопува кексите со неколку лажици млеко, но тоа да се направи само со првиот ред).
Преку првиот ред кекси рамноменро распоредете една четвртина од филот со пудинг, па преку него, нанесете нешто помалку од една четвртина шлаг -крем (оставете малку повеќе шлаг за последниот ред, како завршна декорација).
Повторно наредете кекси (овојпат нема потреба од натопување, бидејќи доволно ќе омекнат од кремовите помеѓу нив). Распоредете ја втората четврина од филот со пудинг, и четвртина од шлаг кремот (нешто помалку).
Продолжете ја постапката на редење додека да го потрошите материјалот. Треба да добиете четири реда кекси, чети слоја фил од пудинг и четири слоја шлаг-крем, од кој последниот слој е најголем. Со него во тенок слој премачкјате ги и страните на тортата. оставете ја тортата во фрижидер да преноќи. / Рецепт на „Вегетаријанка во кујна“.