Поновите генерации и домаќинки се експерти за смислување на нови рецепти. Всушност, оние старински јадења кои сме ги правеле порано сега ги менуваат и прават најразлични варијации, кои се многу вкусни. Конкретно сум воодушевена од тоа колку различни видови на мусака дознав во последните 2-3 години. Иако, засекогаш ќе си остане најубава оригиналната, вреди да се пробаат и другите рецепти, кои се брзи, практични и економични.
Од растурена мусака со јајца или без, стигнавме до перфектно редена мусака наросена со кашкавал, која се сече во вид на лазањи. Постојат и уште многу различни рецепти, на пример мусака без месо или мусака прелиена со бешамел сос.
Не знам за вас, но јас порано не ги знаев овие рецепти кои сега ме воодушевуваат. Завчера, го најдов следниот рецепт кој се прави со компир и фил од зеленчук, без месо. При подготовка е многу слично на мусака, но е многу повкусно. Еве што ви е потребно за да го подготвите:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6-7 компири (1 килограм), 3 јајца, 1 лажичка црвена зачинска пиперка (блага/лута), 1 лажичка црн пипер, 1 лажиче суво нане, 1 лажичка сол (8 грама), 3 лажици растително масло (30 мл). ЗА ФИЛОТ: 3 црвени пиперки, 2 зелени пиперки, печурки (400 грама), 3 лажици растително масло (30 мл), 1 лажичка сол, 1 лажичка црвена зачинска пиперка, 1 лажичка црн пипер, 100 г чедар или некој друг кашкавал.
ПОСТАПКА: Компирите измијте ги на неколку наврати под млаз вода и оставете да отстојат околу 1 час во неа. Потоа, добро исушете ги, па излупете ги и изрендајте ги на најкрупната страна од рендето. Ставете ги во сад и повторно прелијте ги со вода. Оставете да отстојат околу 15-тина минути, за од нив да се исчисти вишокот скроб.
По изминатото време, процедете ги од водата, па кога ќе се исушат, додајте ги трите јајца во нив. Измешајте со шпатула, па зачинете со сол, црн пипер, црвена зачинска пиперка и суво нане. Соединете додека зачините да се апсорбираат во компирите. Во еден голем, огноотпорен сад прелијте со 3 лажици масло и измачкајте го садот на дното и од страните со кујнска четкичка.
Излејте ја смесата од компири и рамномерно распоредете ја, да биде насекаде подеднаква. Загрејте ја рерната на 200 степени, а во меѓувреме додека чекате, исечете со нож или со шпатула 8 триаголни парчиња од компирите. Печете околу 30-тина минути. Во меѓувреме започнете со подготовка на филот кој треба да го прелиете врз парчињата компири. Компирите се сечат предвреме за полесно да ви биде при послужување и да не ви се распадне филот.
ЗА ФИЛОТ: Пиперките (црвените и зелените) исечкајте ги на тенки ленти, па потоа на ситни коцки и ставете ги во намастено тавче, кое претходно треба да биде загреано да се пропржат. Гответе на ниска температура, додека пиперките да омекнат. Во меѓувреме исечкајте ги печурките на ситни парчиња. Може да користите печурки по ваш избор. Ставете да се пропржат во тавчето со пиперките. Повремено мешајте и гответе додека да испарат вишокот течности.
Кога ќе испарат течностите, додајте сол, црн пипер и црвена зачинска пиперка. Измешајте и тргнете го филот настрана. Извадете го садот со печените компири од рерна, а рерната оставете да работи, додека го прелиете филот одозгора. Внимателно, врз секое парче од компирите распоредете го филот, исто во форма на триаголник. Врз филот наросете рендан кашкавал.
Јас користев чедар, но може да го користите било кој кашкавал. Вратете на печење на истата температура во рерна, уште 10 минути, додека кашкавалот да се растопи и филот да фати малку коричка. Послужете додека е топло. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.