Овој рецепт искрено препорачувам да си го запишете, затоа што подготовката е многу лесна и едноставна, а питата има неодолив вкус. Повкусно нешто во последно време не сум јадела. Ова е убава идеја за брз појадок, вечера, а може и за ручек, зошто да не.
Може да се прави на повеќе начини, да ја филувате со различни состојки и затоа е толку практична. Сите состојки едноставно се замешуваат, а полутечното тесто само го излевате, ред тесто, ред фил, па ставате да се пече. Еве што ви е потребно за да ја подготвите оваа брза пита:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 100 мл масло, 200 мл јогурт, 1 лажичка сол, 1 прашок за печиво, 10 лажици палента, 10 лажици брашно тип 400, 100 г блитва, 100 г сирење, 2 лажици ајвар, малку шунка, сусам
ПОСТАПКА: Во подлабок сад пенасто изматете три јајца со жица маталка (може да користите миксер, но може да ги изматите и со виљушка). Потоа додајте 100 мл масло (половина чаша) и 200 мл (една чаша) јогурт.
Промешајте за да се изедначат состојките, а потоа додајте ги и сувите состојки: десет лажици палента, десет лажици бело брашно тип 400, една кесичка прашок за печиво (10 г) и една лажичка сол. Внимателно промешајте додека да се соединат сите состојки и да добиете хомогена смеса.
Смесата е полутечна, но доста погуста од онаа за палачинки на пример. Не смее да има грутчиња од брашното). Во оваа смеса можете да додавате состојки по ваш вкус. Јас се одлучив за 100 г свежа, испрана и исечкана блитва (малку истискана низ прсти со прстофат сол за да омекне).
Во оваа смеса совршено одговара и малку сирење изронето на покрупни парчиња, исто како кога правите пченкарна пита (проја). Може да ставите сечкан спанаќ, магдонос, зелени перца од кромид или нешто слично, по вкус. Со лажица промешајте додека рамномерно да се распоредат состојките.
Рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени. Калап за ролат или леб со димензии 30х10 см намастете го и набрашнете го, а вишокот брашно истресете го. Кој сака може да го обложи со хартија за печење, за полесно вадење на питата, а можете да користите и некој друг калап, по ваш избор.
Во приготвениот калап ставете половина од смесата. Распоредете ја и израмнете, малку протресете го калапот, па одозгора ставете две лажици ајвар, и премачкјте рамномерно (може малиџано, кечап..). Одозгора наредете и пет тенки листови шунка или друго сувомеснато по ваш избор, но не мора, ова е по вкус.
Кој сака може да стави и листови од кашкавал или рендан, сеедно (кашкавалот дава дополнителен вкус и мекост на тестото). Одозгора распорете ја втората половина од смесата. Израмнете, малку протресете го калапот за да се распоредат состојките.
Одозгора по желба наросете сусам, ким, ленено семе, семки или нешто по ваш вкус. Рерната треба да е веќе загреана, па ставете ја оваа „леб-пита“ да се пече околу половина час на 180 степени. Кога ќе зарумени, извадете ја и оставете ја малку да подизлади пред да ја сечете.
Извадете ја сосе хартијата за печењето, па сечете ја на парчиња. Сервирајте како самостојно јадење, а најмногу одговара со чаша јогурт или кисело млеко. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.