Сум јадела компири на милион начини, но вака приготвен, потпечен во комбинација со фета сирење, го немав пробано никогаш претходно. Кога го видов рецептот на Ивана, ми делуваше многу примамливо, па одлучив да го испробам, бидејќи состојките се евтини, и не се покајав. Сега редовно го приготвувам.




Особено е одлично за деновите кога за ручек сакаме да го прескокнеме месото, бидејќи вака приготвениот компир е доста заситен и може да го замени главниот оброк. Но, секако, може да се послужува и како прилог со месо.




Се приготвува многу брзо и многу лесно, бидејќи сите состојки се мешаат во садот во кој ќе се пече јадењето, единствено што треба е да го измиете, исчистите и ситно да го исечкате потребниот зеленчук. Ова јадење се топи во уста, мора да го пробате. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 голем страк праз (или 2 помали), 1 голема главица кромид, 2 кг компири, 1 мала лажичка црвен пипер во прав (може и лут кој сака), црн пипер во прав и сол по вкус, 1 мала лажичка куркума во прав, 1 мала лажичка суво оригано, 30-40 мл масло или растопен путер, 300 мл вода, 300 г фета или некое друго ситно сирење




ПОСТАПКА: Најпрво сиот потребен зеленчук измијте го добро под млаз ладна вода. Од празот отсечете го коренестиот дел, па исечете го прво надолжно на помали ленти, а потоа на ситни коцкички. Веднаш ставете го директно во некој подлабок огноотпорен сад.




Кромидот исто така исчистете го и ситно исечкајте го. Компирите измупете ги, измијте ги, а потоа исечкјате ги на тенки кругови, како за мусака. И кромидот и компирите ставете ги во садот заедно со празот.




Додајте ги зачините: сол, црн пипер, црвена зачинска пиперка во прав, куркума во прав, суво оригано. Добро промешајте за да се распоредат зачините рамномерно. Потоа одозгора наросете го ситното сирење.




Залијте со малку масло и вода, па садот поклопете го со капак или земете парче хартија за печење, изгужвајте ја и натопете ја со вода, па покријте го садот (како што вообичаено се покрива со фолија). Печете на 200 степени 30-40 минути или додека да зарумени. Постапката погледнете ја ОВДЕ.