Едноставно посно јадење од печурки и компири – мирисно, заситувачко и многу вкусно
Кога сакате топол и заситувачки ручек без месо, ова посно рагу од печурки со печени компири е одличен избор.
Комбинацијата од ароматични печурки, богат сос со доматна паста и зачини и крцкави печени компири создава јадење со длабок вкус и пријатна текстура.
Печурките најпрво се пржат без масло, со што се извлекува нивната природна арома и се добива златна боја.
Потоа се подготвува мирисен сос со кромид, лук и зачини, а на крај се додаваат компирите испечени во рерна. Така тие остануваат крцкави и прават одличен контраст со кремастиот сос.
Овој рецепт е популарен меѓу љубителите на посна кујна, веган рецепти и здрави домашни ручеци, бидејќи користи едноставни и достапни намирници, а сепак дава богат вкус, пишува НМД. Еве што ви е потребно:


Потребни состојки
За крцкавите печени компири
• 4–5 големи компири
• 1 лажица маслиново масло
• 1 лажичка сол
• црн пипер по вкус
За рагуто од печурки
• 350 г шампињони (печурки)
• 1 мал кромид
• 3 чешниња лук
• 1 лажица масло
• 30 г доматна паста
• 1 лажичка димен црвен пипер во прав
• 1 лажичка суво оригано или мајчина душица
• 1 лажичка соја сос
• 120 мл зеленчуков булјон
• сол по вкус
• црн пипер по вкус
• 1–2 лажици ситно сечкан свеж магдонос
По желба за дополнително згуснување
• 50 г ситно сечкана зелка
Постапка
1. Подготовка на компирите
Компирите измијте ги, излупете ги и исечете ги на коцки.
Ставете ги во сад, додајте сол, црн пипер и маслиново масло и добро промешајте. Распоредете ги во плех обложен со хартија за печење.
2. Печење
Печете ги компирите во загреана рерна на 200 °C околу 25 минути, додека да добијат златна боја и крцкава кора.
3. Подготовка на печурките
Печурките исечете ги на парчиња. Ставете ги во жешка тава без масло и пржете ги додека да испари вишокот течност и да почнат да добиваат златна боја.
4. Додавање на кромид и лук
Додајте масло во тавата, па додајте ситно сечкан кромид. Пржете неколку минути додека да омекне. Потоа додајте ситно сечкан лук и кратко пропржете.
5. Подготовка на сосот
Додајте доматна паста, соја сос и димен црвен пипер во прав. Промешајте, па сипете зеленчуков булјон. Додајте мајчина душица или суво оригано и оставете да се динста неколку минути.
6. Згуснување
По желба додајте ситно сечкана зелка и динстајте уште 5–10 минути. Ако е потребно, сипете малку вода за да се добие посакуваната густина.
7. Зачинување
Посолете и додајте црн пипер по вкус. На крај додајте ситно сечкан свеж магдонос.
8. Сервирање
Во чинија ставете од рагуто, а врз него распоредете ги печените компири. Така тие ќе останат крцкави и ќе создадат одличен контраст со сосот.
Совети за уште подобар вкус
• За поинтензивна арома може да се додајде малку сув босилек или сув лук.
• Јадењето одлично се комбинира со свежа салата или домашен леб.
• Може да се подготви и како брз семеен ручек или здрав посен оброк.
• Постапката погледнете ја во видео прилогот ОВДЕ:




































