Фото и рецепт: Danijela Coso – Најубавиот рецепт за посно медено срце.

Доколку ви се пријаде нешто набрзина, посно а вкусно, тогаш овој рецепт е вистинскиот за вас. Додека сварите кафе, тој веќе ќе се најде во вашата рерна…

Рецептот е за посен колач и нема масло, освен во чоколадната глазура. Многу е вкусен и без масло, но кој сака, во смесата за тесто може да стави малку, околу 30 мл масло.

Потребни состојки:

2 шолји (од 200 мл) брашно
1 шолја шеќер
1 кесичка сода бикарбона (20 г)
2 лажички цимет
4 полни лажици џем (од сливи или каков сакате)
1 ½ шолја вода

За глазура:

Неколку лажици џем за премачкување
200 г чоколадо
4 лажици масло

Постапка:

Во подлабок сад се ставаат две шолји брашно, една шолја шеќер, две лажички цимет и една кесичка сода бикарбона. Добро се промешува. На страна се мешаат четири преполни лажици џен со 1,5 чаша вода, а потоа течноста се додава во сувите состојки.

Добро се промешува додека да се изедначи. Смесата се излева во плех со средна величина и се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу половина час. Врелиот колач веднаш се премачкува со неколку лажици џем, а одозгора се прелива со чоколадна глазура (200 г чоколадо се растопува на тивок оган со 4 лажици масло). Колачот се остава да излади.

Фото и рецепт: Danijela Coso