Фотографии и рецепт на Верица Николиќ – Посна мусака со ориз и зеленчук.

Вкусен посен ручек од ориз и фил од спанаќ со печурки. Може да се послужи како главно јадење или како прилог на главното јадење.

Потребни состојки:

2 чаши (од 180 мл) ориз, 4 чаши вода, ½ лажичка сол, 1 лажичка сув зачин (вегета), 1 лажичка мелен црн пипер, 1 средна главица виолетов кромид, 4 средни кисели пиперки, 3 лажици масло, 1 лажичка куркума

За фил:

300 г исчистен спанаќ, 200 г шампињони печурки, 1 средна главица виолетов кромид, 2 средни моркови, 2 чешниња лук, 1 лажичка сув зачин, 100 мл масло

Постапка:

За ориз – кромидот ситно исечкајте го, а киселата пиперка исечкајте ја на коцки. На малку масло многу кратко пропржете ги кромидот и пиперките (околу 5 минути се доволни).

Оризот добро измијте го под млаз ладна вода. Четири чаши вода ставете во подлабок сад, додадете сол и масло, па ставете да проврие. Во зовриената вода додадете го оризот, промешајте, намалете ја температурата и поклопете го садот.

На тивок оган варете го оризот без мешање, се додека да остане вода само при дното. Тргнете го оризот на страна, пробајте дали е сварен и додадете мелен црн пипер, сув билен зачин и куркума. Нежно промешајте, поклопете и оставете на страна.

За фил: Спанаќот исечете го на ленти, шампињоните на листови, кромидот и лукот ситно исечкајте ги, а морковот крупно изрендајте го. Маслото ставете да се загрее во соодветен сад, па потоа додадете ги кромидот и морковот. Динстајте пет минути. Додадете ги печурките, лукот и спанаќот.

Продолжете со динстање додека да испати водата која ја испуштил спаначот, за зачинете по вкус, промешајте и тргнете на страна.

Во изладениот ориз додадете го пропржениот кромид и пиперки и промешајте. Тепсија со величина 30 см намастете ја со масло и ставете половина од оризот. Израмнете со лажица.

Одозгора распоредете го филот и прекријте одозгора со остатокот од оризот. Израмнете. Одозгора прелијте 100 мл масло и со црвен пипер во прав означете коцки. Прекријте ја тепсијата со алу-фолија и ставете ја во загреана рерна на 200 степени, 20 минути.

Фотографии и рецепт на Верица Николиќ