Најубавиот елегантен колач кој се прави без јајца. Лесен е за подготовка, само се мешаат наведените состојки и се става на печење, а на крајот се прелива со чоколадната глазура. Во продолжение може да прочитате уште еден рецепт кој се подготвува со мерки на чаша. Многу е сличен на првиот, и двата рецепти се посни.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 80 г брашно, 100 г шеќер, 1 кафена лажица сода бикарбона (може да се замени со прашок за печиво), прстофат сол, 6 големи лажици какао без шеќер, 16 г ванилин шеќер (1 кесичка), 250 мл вода, 250 мл масло. ЗА ГЛАЗУРА: 100 г чоколадо, 50 мл масло.
ПОСТАПКА: во еден сад измешајте ги сувите состојки по следниот редослед, брашно, шеќер, сода бикарбона или прашок за печиво, солта, какаото и прашокот за печиво. Измешајте ги сувите состојки со жица за матење, а потоа во ридот од нив додајте ги маслото и водата.
Убаво соединете ја смесата така што таа ќе стане еднолична, лесна и течна, без грутчиња формирани од сувите состојки, најмногу од брашното. Во еден плех со димензии 15х20 см или некој со слична големина, ставете хартија за печење и излејте ја смесата од колачот.
Можете да го печете и во некој друг плех, помал или поголем, а во тој случај колачот нема да се пече како што е предвидено времето за оваа големина на плех. Според тоа ќе треба почесто да го проверувате со чепкалка за да видите дали е печен однатре.
Малку протресете го плехот од рамна површина како маса за да излезат сите гасови кои се акумулирани на дното, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 40 минути. Потоа извадете го колачот од рерна и оставете целосно да се олади.
Додека колачот се лади, во меѓувреме направете ја чоколадната глазура. Во мало тенџерче на шпорет соединете ги чоколадото и маслото додека да се растопи чоколадото и да се соеидини со маслото. Кога колачот ќе се излади, префрлете го на чинија со долната страна одозгора и извадете ја хартијата за печење.
Премачкајте го колачот со чоколадната глазура, а потоа послужете го со сечење на парчиња-коцки. Колачот е многу вкусен, посебно бидејќи го нема тој препознатлив вкус на јајца. Во продолжение може да прочитате уште еден рецепт:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 шолја млеко (обично, посно или вода), 1 шолја шеќер, 2 шолји брашно, 3 лажици какао, 1 прашок за печиво, 5 лажици масло, 5 лажици џем. ЗА ПРЕЛИВ: 200 мл млеко (обично, посно или вода), 1 пудинг од чоколадо, 5 лажици шеќер. За наросување: шеќер во прав. Чашата за мерка е од 250 мл.
ПОСТАПКА: вклучете ја рерната на 220 степени. Се користи помал четвороаголен калап, а колачот се сече на коцки. Јас користев калап 24 см, обложен со хартија. Се мешаат сите состојки за колачот и со електричен миксер се соединува во компактна смеса.
Се истура во калапот и се пече во загреана рерна на 220 степени, околу 25 минути. За прелив се меша млеко, шеќер и прашок за пудинг. Печениот колач го вадиме од рерна па сечеме коцки или правоаголници, а потоа одозгора го истураме преливот, внимавајќи да навлезе и онаму каде сме сечеле со ножот. Вака залиениот колач се враќа во рерна и се пече уште 8 минути.