РЕЦЕПТ 1 Фото и рецепт: Мила Стојковиќ
Прекрасни грицки за со пиво. Многу брзо се приготвуваат, само ги мешате состојките, замесувате тесто и вадите тркалца со чаша. Пробајте ги, ќе ви се допаднат! Во продолжение има уште еден рецепт со вино.
Потребни состојки: 200 г брашно, 100 мл пиво, 100 мл масло, 100 г сусам малку потпечен, 100 г семки од сончоглед, ½ лажичка сол и 1 кесичка прашок за печиво
Постапка: Во поголем сад ставете 100 мл пиво на собна температура и 100 мл масло. Промешајте, па додадете просеано 200 г брашно помешано со една кесичка прашок за печиво.
Промешајте убаво да се соединат состојките и посолете. На крај додадете го сусамот и излупените семки од сончоглед. Промешајте убаво и замесете со рака, за да се изедначи ровкото тесто.
На работна површина со помош на оклагија развлечете не многу тенка кора, па со чаша вадете кругови или со модла вадете форми по желба. Доколку кората ја развлечете во правоаголна форма, тогаш можете да сечете и коцки, со величина во ваша желба.
Вадете ги формите и редете ги врз плех обложен со хартија, а остатокот од тестото повторно соберете го и развлечете го во кора од која ќе вадите сусамки. Печете ги во загреана рерна на 180-200 степени, додека да добијат убава златна боја. Внимавајте да ги препечете, инаку не се тврди, ровки се и многу се вкусни.
РЕЦЕПТ 2 – печива со сончоглед
Потребни состојки: 500 г брашно, 1 прашок за печиво, 1 полна лажица сол, 200 мл бело вино, 125 г путер/маргарин растопен, 100 г семки од сончоглед и 100 г сусам малку потпечен
Постапка: од наведените состојки се замесува тесто, се развлекува кора и се вадат форми со модла. Плехот намастете го, печете во загреана рерна на 250 степени, 20-25 минути. Излегуваат два големи плеха.