Потребни состојки:
1 главица кисела зелка или 2 помали (околу 2 кг вкупна тежина)
4-5 помали главици кромид
1 чаша ориз
2 лажички црвен пипер
10 г мелен црн пипер
2-3 г црн пипер во зрно
200 г мелени ореви
Толчена пиперка (буковка)
2-3 листи ловор
1 лажица брашно
Постапка:
1.Листовите одвојте ги од главицата и отстранете ја дебелата жила во средината на листот. Доколку зелката е прекисела или пресолена, исплакнете ја во неколку води.
2.Кромидот исечкајте го ситно и пропржете го во врело масло. Посолете го, но во зависност од тоа колку зелката е солена. Потоа, додадете го исчистениот и измиен ориз и тој да се пропржи. Мешајте за да не загори. Додадете лажичка црвен пипер и уште малку пржете, па тргнете од оган. Потоа додадете црн пипер, мелени ореви и буковка (лута или блага, по ваш вкус).
3.Листот од киселата зелка ставете го левата дланка. На средината од листот ставете лажица од филот, превиткајте од долгата страна на листот, но така да дојде до средината. Истото направете го и со другата страна, а потоа листот, започнувајќи од долната страна, намотајте го до врвот.
4.Сармата е најдобро да се готви во земјен сад или во шерпа со дебело дно. На дното од шерпата ставете масло, па наредете листови од зелката, а потоа редете ги сармите во круг. Покријте ги одозгора со цели листови зелка, а помеѓу ставете листови од ловор и неколку зрна бибер.
Налијте со топла вода и гответе на тивка температура додека зелката да омекне, повремено долевајќи по потреба уште малку топла вода.
5.На крајот, направете запршка и истурете ја преку сармата. Оставете уште малку да поврие или запечете во рерна.