Фото и рецепт на Маца Ническа, видео презентација Лесни оброци – Ружички од гриз. Овој рецепт ни го откри нашата драга членка Маца Ническа во групата НМД рецепти. Освен што се декоративни, овие ружички од гриз се и многу вкусни.
Потребни состојки: 150 мл сончогледово масло, 150 мл млака вода, 150 г гриз, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 1 кесичка сув квасец и брашно по потреба за да се замеси средно меко тесто. За шеќерен сируп ќе ви бидат потребни 900 г шеќер и 700 мл вода. По желба можете да додадете и ванилин шеќер и малку лимонов сок.
Постапка: Во длабок сад за мешање ставете 150 мл млака вода и исто толку сончогледово масло, па додадете 150 г гриз и убаво промешајте со лажица или шпатула. Потоа додадете една кесичка прашок за печиво и една кесичка сув квасец.
Во смесата додадете три супени лажици и изедначете ја смесата. Потоа продолжете со постепено додавање на брашно додека да добиете убаво мазно, средно по мекост тесто кое не се лепи од ѕидовите на садот. Проверете ја мекоста со прстот.
Покријте го со проѕирна фолија и оставете го да стасува на топло место околу половина час додека да се одмори и да го удвои волуменот. По изминатото време, стасаното тесто поделете го на два еднакви делови (за да направите две бои, а може да ги правите ружичките и во една боја).
Во едната половина од тестото додадете една супена лажица какао во прав и убаво замесете го тестото за да се изедначи и да стане рамномерно кафеаво. На малку набрашнета работна површина со помош на оклагија развлечете го белото тесто во кора со дебелина од 0,5 см.
Со помош на мала ракиена чаша вадете тркалца и редете ги на страна. Од остатокот на тестото повторно формирајте топка, равлечете го тестото во кора и вадете кругови додека да го потрошите целото. Истата постапка повторете ја и со кафеавото тесто.
Наредете скалесто по пет топчиња и тоа наизменично, бело, кафеаво, бело, кафеаво и бело. Секое наредно треба по малку да го преклопува претходното кругче. Потоа свиткајте го како ролничка, па пресечете го на половина. На тој начин ќе добиете две шарени ружички (погледни видео).
Постапката повторете ја со преостанатите тркалца, а вака приготвените ружички ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени додека малку да заруменат. Оставете ги да изладат а за тоа време пригответе го шербетот.
За шербет ставете на оган тенџере со 900 г шеќер и 700 мл вода. Откако ќе зоврие оставете да се вари уште неколку минути додека целосно да се растопи шеќерот. Ладните ружички рамномерно полевајте ги со врелиот шербет. Оставете ги целосно да изладат и да го впијат сирупот, па изладени послужете ги. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.