Фото и рецепт: Маја Церњев
Потребни состојки за 1 кора:
200 г брашно
10 лажици шеќер
1 прашок за печиво
200 мл газирана вода
50 мл масло
2 полни лажици какао
за фил:
500 мл соино, бадемово, кокосово или оризово млеко
200 г шеќер
2 ванилин шеќер
3 лажици густин
3 лажици брашно
250 г посен маргарин
за глазура:
100 г посно чоколадо
3 лажици масло
кокос за валкање
Постапка:
Во еден подлабок сад соединете ги состојките за кора и изматете ги со жица. Плех со димензии 38х26 обложете го со хартија, излејте ја смесата и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, 15 минути.
На ист начин пригответе уште една кора. Кога корите ќе изладат со модла за крофни или со чаша извадете 48 кругови.
За фил: Ставете 400 мл млеко да проврие со шеќер и ванилин шеќер. Со остатокот од млекото(100 мл) изматете го брашното и густинот, па сварете го кремот исто како пудинг.
Мешајте додека да згусне и оставете на страна да излади. Во изладениот крем додадете изматен маргарин, па филувајте ги капите.
На еден круг ставете полна лажичка фил, поклопете со друг круг, пополнете ги страните со фил и валкајте во кокос. Вкупно се добиваат 24 руски капи.
За глазура: растопете го чоколадото со маслото, па на секоја капа ставете по лажичка глазура. Изладете до послужување.
Бидејќи не сме сите љубители на кокос, еден дел од капите ги валкав во мелени бисквити, а може да додадете и малку мелени ореви или лешници.