Овие плескавици ни се многу вкусни иако се вегетаријански и не содржат трошка месо. Редовно ги правам во време на пост, а кога не се пости користам и јајца. Се приготвуваат од овесни снегулки и освен што се вкусни, многу се здрави.




Може да се пржат во масло на рингла, но јас ги правам во рерна, зошто така ем ми е полесно (кога се пржат во масло треба добро да се запржи долната страна пред да се превртат, инаку може да се распаднат), ем не се масни и така се поздрави. Кај мене брзо се разграбуваат, дури и децата ги јадат после ручек, онака попат. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 главица кромид, 4 чешниња лук, 200 г овесни снегулки (може и јачменови или пченични или мешано), 1 кесичка супа (која било, може дури и онаа со фиде или крем супа, коцка за супа или ако немате ништо од тоа, ставете 1 лажица сув зачин (вегета), 50 мл масло, 2 лажица црвен пипер во прав, црн пипер, 300 мл вода по потреба, малку магдонос или босилек, 1-2 лажици презла/лебни трошки и 2 јајца (за време на пост, не треба)




ПОСТАПКА: Кромидот ситно исечкајте го, па ставете го да се запржи во 50 мл масло загреано на умерена температура. Кога ќе омекне и застакли додајте го ситно исечканото лукче и продолжете со динстање уште 1-2 минути.




Потоа налејте 200 мл вода, супата од кесичка (по ваш избор, зеленчукова или петлова, а може и 1 лажица сув зеленчуков зачин-вегета), мелен црн пипер, една супена лажица црвен пипер во прав, сечкан босилек или магдонос и зачини по ваш вкус.




Промешајте и оставете кратко да проврие, половина минута, па додајте ги овесните снегулки. Промешајте и гответе ги на тивко со повремено промешување приближно две минути или додека да испари поголемиот дел од течноста, а снегулките малку да набубрат. По потреба долејте уште малку вода (50 мл).




Потоа тавчето тргнете го настрана, поклопете го и оставете целосно да се олади, а снегулките убаво да омекнат. Потоа додајте две јајца ако не постите или 1-2 супени лажици лебни трошки (по потреба), за да се добие убава смеса за обликување. Ако имате време оставете ја смесата во фрижидер дополнително да се стегне, но можете и веднаш да преминете на обликување.




Обликувајте тенки плескавици или подебели ќофтиња со помош на намастени дланки или валајте ги во презла и редете ги во плех обложен со хартија за печење. Одозгора наросете ги со малку масло, па ставете ги во загреана рерна на најсилно. Смесата што ќе ви остане можете да ја замрзнете и по потреба да ја искористите за друг пат.




Кога наеднаш ќе се пикнат во  многу врела рерна добиваат крцкава коричка однадвор, а однатре остануваат сочни (смесата ионака е веќе зготвена). Се печат 10-15 минути, а по потреба превртете ги. јас ги превртувам на 10-тата минута и ги враќам во исклучена рерна уште 2 минути. Деталите погледнете ги ОВДЕ.