Пиварките речиси се задолжителни за време на пост, но многумина ги приготвуваат и преку целата година. Постапката за приготвување е многу еднставна, а колачите излегуваат превкусни. Буквално секој залак се топи во уста. Ова е проверен рецепт:
Потребни состојки: 500 г остро брашно, 200 мл масло, 200 мл пиво, малку сол, ½ кесичка прашок за печиво. И уште: 100 г остро брашно и 150 г мармалад за филување. За сируп: 300 г шеќер, 200 мл вода, сок од еден лимон. За наросување: 150 г мелени ореви и 3 лажици шеќер
Постапка: Брашното измешајте го со прашокот за печиво и просејте ги во сад за матење. Додајте сол, масло и пиво, па со миксер со продолжетоци за тесто добро изматете го тестото (или измесете го рачно).
Тестото префрлете го на набрашнета површина и со раце добро измесете го додека да стане еластично. Потоа поделете го на 4 топки. Јас добив тесто со вкупна тежина од 900 г и го поделив на топки од по 225 г.
Земете една топка и развлечете ја во кора-круг со пречник од околу 25 см, а потоа пресечете 16 триаголници. На секој триаголник ставете по една мала лажичка мармалад и внимателно свиткајте го во кифличка.
Тепсијата од рерна намастете ја со маргарин и густо редете ги кифлите во 7 редови по 9 парчиња во ред и уште една ставете каде ќе најдете место. Постапката повторете ја и со другите 3 топки тесто. Од оваа количина излегуваат 64 кифлички.
Печете ги во претходно загреана рерна на 170 степени (рерна со вентилатор – вклучен долниот греач и вентилатор) и печете ги 20 минути со повремено вртење на тепсијата. Или, печењето прилагодете според вашата рерна.
Додека се печат кифличките направете го сирупот од шеќер, вода и лимонов сок. Сите состојки ставете ги во тенџере на оган, па откако ќе зоврие, оставете да се вари на средна температура околу 20 минути со повремено мешање.
Тепсијата со печените кифлички извадете ја од рерната и прелијте ги со приготвениот сируп, така да сите бидат убаво прелиени. После 10 минути свртете ги кифличките за да може и горната страна рамномерно да впие од сирупот.
Вака кифличките ставете ги вкупно да отстојат околу 20 минути. За тоа време мелените ореви измешајте ги со кристален шеќер и во чинија ставете по 2-3 лажици од таа мешавина. Накосете ја тепсијата на една страна (подигнете ја и потпрете ја на нешто) за да се слее сирупот, па секоја кифличка повлечете ја од сите страни низ сирупот.
Кога добро ќе се натопи, кифличката валкајте ја во мешавината од мелените ореви и кристал шеќерот. Гледајте убаво да се нафати од сите страни подеднакво. Редете ги на тацна за послужување. / Мили / Сооlinarika.com