Се чини дека пиварките се едни од најомилените колачиња, особено за време на постот. Економични се, лесно и брзи, па многумина си ги приготвуваат во текот на целата година. Овојпат имаме нов рецепт претставен од Tome Naty Tasev за ситни пиварки полнети со локум и оревче, а во продолжение можете да го прочитате и класичниот рецепт за „пиварки-кифлички“ со џем. Еве што ви е потребно:

Посни пиварки – Tome Naty Tasev




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл масло, 200 мл пиво, 1 кесичка прашок за печиво (10 г) и 500 г брашно. За полнење: ситно сечкан локум и мали јатки ореви. За шербет: 200 мл вода и 200 г шеќер. За валање: мелени ореви. Најпрво пригответе го шербетот за да има време да се олади (водата и шеќерот се ставаат на оган, од моментот на зовривање се вари 1 минута).

Посни пиварки – Tome Naty Tasev

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г остро брашно, 200 мл масло, 200 мл пиво, малку сол, ½ кесичка прашок за печиво. И уште: 100 г остро брашно и 150 г мармалад за филување. За сируп: 300 г шеќер, 200 мл вода, сок од еден лимон. За наросување: 150 г мелени ореви и 3 лажици шеќер




ПОСТАПКА за рецепт 1: Во подлабок сад ставете по една чаша од 200 мл масло и пиво, па додајте една кесичка прашок за печиво и промешајте за да се растопи. Потоа започнете постепено да го додавате брашното. Мешајте со лажица додека да се впие течноста и да се формира компактно тесто.




Кога тестото ќе стане доволно густо замесете го со рака, а потоа уште малку доработете го на набрашнета работна површина, додека да стане еластично. Обликувајте топка, вратете го во садот, покријте го и оставете го да одмори 5 минути на собна температура.




Потоа кинете мали парчиња од тестото, формирајте топчиња со дланките во големина на пинг понг, сплескувајте ги во тенка коричка, па филувајте ги со парче локумче и мала јатка орев. Затворете ги како полукруг и обликувајте кифличка-полумесечинка.




Формираните пиварки наредете ги во плех обложен со хартија за печење и ставете ги во претходно загреана рерна на 180 степени да се печат 35 минути. Додека се топли кратко се потопуваат во ладниот шербет додека да омекнат, а потоа се валаат во мелени ореви. Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ. Постапката за вториот рецепт:




ПОСТАПКА за рецепт 2: Брашното измешајте го со прашокот за печиво и просејте ги во сад за матење. Додајте сол, масло и пиво, па со миксер или рачно измесете го тестото додека тоа да стане компактно. Домесете го уште малку на работна површина. Потоа поделете го на 4 топки.




Секоја топка развлечете ја во тркалезна кора со приближен пречник од 25 см, а потоа исечете 16 триаголници. Филувајте со по една мала лажичка џем по ваш избор и свиткајте во кифличка. Кифличките редете ги во плех намастен со маргарин (излегуваат вкупно 64 кифлички).

Печете ги во претходно загреана рерна на 170 степени (рерна со вентилатор – вклучен долниот греач и вентилатор) и печете ги 20 минути со повремено вртење на тепсијата. Или, печењето прилагодете според вашата рерна.




Додека се печат кифличките направете го сирупот од шеќер, вода и лимонов сок. Сите состојки ставете ги во тенџере на оган, па откако ќе зоврие, оставете да се вари на средна температура околу 20 минути со повремено мешање.

Тепсијата со печените кифлички извадете ја од рерната и прелијте ги со приготвениот сируп, така да сите бидат убаво прелиени. После 10 минути свртете ги кифличките за да може и горната страна рамномерно да впие од сирупот.




Кифличките оставете ги вкупно да отстојат околу 20 минути. За тоа време мелените ореви измешајте ги со кристален шеќер и во чинија ставете по 2-3 лажици од таа мешавина. Накосете ја тепсијата на една страна (подигнете ја и потпрете ја на нешто) за да се слее сирупот, па секоја кифличка повлечете ја од сите страни низ сирупот, за да може убаво да се натопи.

Потоа, кифличките валајте ги во мешавината од мелените ореви и кристал шеќерот, треба убаво да се обложат. / Мили / Сооlinarika.сom