Овие ситни колачи имаат рок на траење и до три месеци, а исто како и ванилиците, колку подолго стојат, толку повкусни стануваат. Може да се приготват во класична посна верзија, со јајце, со ореви, со кокос или некои други додатоци. Ние ќе ви претставиме неколку рецепти. Првиот рецепт ни го претстави нашата драга членка Валентина Дениќ во групата НМД рецепти:
РЕЦЕПТ 1. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г маргарин омекнат на собна температура, 4 лажици шеќер во прав, 100 г мелени ореви, 2 лажици масло и 400 г брашно. ПОСТАПКА: Пенасто изматете го путерот со четири лажици шеќер во прав, па во смесата додајте 2 лажици масло и уште малку изматете.
Потоа додајте 100 г мелени ореви и 400 г просеано брашно. Замесете убаво мазно, средно меко тесто. Потоа поделете го на четири еднакви делови. Формирајте валјаци, па сечете ги на еднакви парчиња. Колачите редете ги во плех и печете ги во загреана рерна на 120 степени околу 50 минути. Оставете ги во плехот додека целосно да се оладат, а потоа валкајте ги во шеќер во прав.
РЕЦЕПТ 2. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г маргарин/путер, 2 филџани (од 100 мл) шеќер во прав, 2 филџани масло, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 1 јајце, 50 г кокосово брашно, 50 г мелени ореви, брашно по потреба
ПОСТАПКА: Путерот и шеќерот добро изматете ги со миксер, па додајте масло и јајце и повторно добро изматете. Потоа додајте кокосово брашно, а брашното додавајте го постепено, околку колку што е доволно да не се лепи тестото за раце. На почетокот мешајте со лажица или шпатула, а на крај замесете го со рака.
Од тестото кинете топчиња, па формирајте валјачиња и сечете ги на локуми. Наредете ги во плех и печете ги во загреана рерна на 180 степени, 10 минути, а потоа намалете на 120 и продолжете со печење уште 15-тина минути, па исклучете и оставете целосно да се исушат и оладат пред валкање во шеќер во прав.
РЕЦЕПТ 3. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г брашно, 250 г маргарин или путер, 200 г шеќер во прав, 1 белка. ПОСТАПКА: Во подлабок сад просејте го брашното и додајте 160-170 г шеќер во прав, па промешајте. На страна изматете една белка од јајце додека да добиете цврст снег. Путерот исечкајте го на ленти и оставете го да омекне на собна температура.
Во мешавината од брашно и шеќер додајте го снегот од белката и омекнатиот путер, па измесете со рака додека да добиете фино тесто. Може да се приготви и само од маргарин и да се изостави белката доколку правите посна верзија. Путерот може да го омекнете и во микробранова печка на неколку секунди.
Формираното тесто поделете го на 4-5 еднакви делови. Секој дел развлечете го во вид на валјак со дебелина нешто поголема од прст, па сечете парчиња накосо и редете ги во сув плех. Ставете да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени, а после 10 минути намалете на 140 и печете уште 15 минути. Топли валкајте ги во шеќер во прав.
РЕЦЕПТ 4. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г омекнат маргарин на собна температура, 4 лажици шеќер во прав, 1 кг брашно, 1 мала лажичка сол, шеќер во прав за валкање. ПОСТАПКА: Омекнатиот путер пенасто изматете го со шеќерот, па додајте го брашното со малку сол и замесете убаво тесто. Може да додадете и малку мелени ореви, а за истата количина намалете од брашното.
За полесна обработка, поделете го тестото на неколку топки, па од секоја формирајте валјак кој ќе го сечете на парчиња со должина од 5-6 см. редете ги во ненамастена тепсија и печете ги на 120 степени околу 4 часа. Кога се печени, локумите оставете малку да подизладат, па млаки валкајте ги во шеќер во пртав. Може да стојат и до три месеци, а колку подолго стојат, толку се подобри.