Home Посно јадење Посни кифлички на вода (без масло) – Меки, воздушести и идеални за...

Посни кифлички на вода (без масло) – Меки, воздушести и идеални за Велигденски пост

фото и рецепт на Весна Павловиќ

Ако барате проверен рецепт за посни кифлички на вода, без масло и без млеко, кои излегуваат меки однатре и со нежна кора однадвор – ова е вистинскиот избор.

Рецептот е практичен, економичен и одличен за денови на строг пост, како и за семејни трпези, училишен појадок или празнична посна софра.

Овие кифлички се подготвуваат од едноставни состојки што најчесто веќе ги имате дома, а техниката со прелив од вода и брашно овозможува тестото да не пука при печење и да остане меко подолго време, пишува НМД. Еве што ви е потребно:

фото и рецепт на Весна Павловиќ
фото и рецепт на Весна Павловиќ

Потребни состојки

За тесто:
• 400 мл млака вода
• 1 лажичка шеќер
• 1 лажичка алкохолен оцет (9%)
• 20 г свеж квасец
• 10 г прашок за печиво
• 2 рамни лажички сол
• 750 г брашно

За прелив:
• 150 мл вода
• 1 лажица брашно
• 2 прстофати сол

фото и рецепт на Весна Павловиќ

Постапка

1. Во 100 мл млака вода додајте го издробениот квасец и шеќерот, па промешајте додека да се раствори.

2. Додајте ги преостанатите 300 мл млака вода, оцетот, 5 лажици брашно, солта и прашокот за печиво. Промешајте, па постепено додајте од брашното и замесете меко, еластично тесто.

3. Покријте го тестото со проѕирна фолија и оставете го да одмори 30 минути додека да го зголеми волуменот.

4. Тестото префрлете го на набрашнета работна површина, кратко премесете и поделете го на 2 еднакви топчиња.

5. Секое топче развлечете го со сукало во круг и исечете на 8 триаголници. На потесниот дел направете два мали засеци, па завиткајте во форма на кифлички.

6. Плехот посипете го со брашно, наредете ги кифличките, покријте со чиста кујнска крпа и оставете ги да одморат уште 30 минути додека да нараснат.

7. За преливот: во тенџере сипете вода, додајте брашно и сол. Ставете на умерен оган и мешајте додека да се згусне. Тргнете од оган.

8. Со силиконска четка премачкајте ги кифличките со топлиот прелив. Печете во претходно загреана рерна на 180°C околу 30 минути.

9. Откако ќе се испечат, извадете ги од рерна и повторно лесно премачкајте со изладениот прелив. Оставете ги да се изладат, па послужете.

Совет

Овие посни кифлички се одлични и во солена и во слатка варијанта.

Ако ги полните со џем:
• намалете ја количината на сол
• додајте повеќе шеќер во тестото
• во преливот не ставајте сол

Преливот е задолжителен бидејќи спречува тестото да пука при печење и овозможува рамномерна текстура.