Проверен старински рецепт кој го правеа и нашите мајки и баби, а денес го правиме и ние. Во рецептот се содржи и бело вино кое при печењето целосно испарува, но потребно е за да им ја даде таа фина структура на овие вкусни солени стапчиња.
Што се однесува до украсувањето, може да ставите кој што има: ленено семе, црвен пипер, мак, сусам, куркума, чили… може да правите разни комбинации и да добиете различни шарени стапчиња.
Фотографија и рецепт на Даринка Николиќ – Посни солени стапчиња.
Потребни состојки:
1 чаша бело вино
1 чаша масло
1 прашок за печиво
1 лажичка сол
брашно по потреба (околу 700 г)
Постапка:
Во еден подлабок сад за месење ставете ги сите состојки (на собна температура) и со постепено додавање на брашното замесете средно тврдо тесто.
Веднаш развлечете кора со дебелина од околу половина центиметар, од едната страна наросете го со сусам или ленено семе/мак, па свртете ја кората од другата страна и наросете алева пиперка или нешто по ваша желба.
Добро поминете со оклагијата врз семето за тоа убаво да навлезе во тестото (во овој случај, бидејќи стапчињата се посни, не се користи јајце за премачкување). Кората сечете ја на ленти, вртете ги во спирала и редете ги во плех обложен со хартија. Ставете да ги печат во загреана рерна на 200 степени, само колку малку да заруменат.
Фотографија и рецепт на Даринка Николиќ
Посни и фантастично вкусни стапчиња – рецепт 2
Потребни состојки:
300 мл вода
1 лажица шеќер
сусам и останати семки по избор
50 мл масло
30 г квасец
400 – 500 г брашно
100 г маргарин
Постапка:
Свежиот квасец околу 30 г издробете го со малку млака вода и една супена лажица шеќер. Промешајте убаво за да се растопи квасецот, па додадете 50 мл масло и остатокот од млаката вода.
Постепено додавајте го брашното, посолете и мешајте со лажицата додека да добиете средно меко тесто. Месењето завршете го рачно додека тестото да стане еластично. Потоа вратете го во чист сад и покријте го со проѕирна фолија и крпа. Оставете го да отстои половина час за да се активира убаво квасецот и да се удвои тестото.
На набрашнета површина развлечете го тестото со набрашнета оклагија. Формирајте правоаголна кора со дебелина од 1 прст. Кората пресечете ја на половина, да добиете две долгнавести правоаголни кори. Одозгора кората намастете ја со малку омекнат маргарин за да добие на мекост.
Корите преклопете ги една врз друга, па повторно пресечете на половина (на два квадрати). Преклопете ги, а помеѓу намастете со маргарин. Вака здипленото тесто одозгора притиснете го малку со оклагија и уште еднаш пресечете го и преклопете го. На крај убаво и полека развлечете правоаголна кора (а со преклопувањето се добива ефект на лиснато тесто, постапката може да се погледне во видео прилогот).
Добиената кора премачкајте ја со кечап и одозгора наросете обилно семки да се покрие целата површина (потребни се околу 50 г сусам, малку ленено семе и семки по избор). Кората пресечете ја на половина, па сечете тенки ленти, завиткувајте ги малку спирално и редете ги во плех обложен со хартија за печење.
Вака приготвените стапчиња со семки ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени, околу 20-тина минути додека убаво да заруменат. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.