Одамна го барав овој рецепт, а кога видов дека Бранка го објавила, многу се израдував. Одамна го имав пробано и знаев дека се приготвува само од вода, шеќер и посен желатин, но не ја знаев постапката. Оваа година ги направив и сите бевме воодушевени, а особено гостите кои сите ми побараа рецепт.




Всушност, подготовката е многу едноставна, само треба да набавите растителен желатин од продавница за здрава храна или супермаркет (се нарекува агар агар) и да се измати со врел шербет за да се добие белиот крем. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 листа мали обланди, 350 г шеќер, 15 г посен желатин (агар агар), 150 мл вода, 100 г сечкани ореви. Наместо ореви може да ставите лешници, бадеми или дури и желе бонбони, но многу се вкусни со ореви, па не сум испробала со друг додаток.




ПОСТАПКА: Најпрво прелијте го желатинот со 50 милилитри ладна вода и оставете го настрана 15-тина минути додека убаво да набубри и згусне. Преостаната вода прелијте ја преку 350 г шеќер и ставете на оган.




Откако ќе зоврие мешајте и гответе го сирупот неколку минути (5 мин) додека сиот шеќер да се растопи и да се појават меури на површината. Набубрениот желатин префрлете го во некој поголем и подлабок сад за матење.




Прелијте го со врелиот шеќерен сируп и започнете да го матите со миксер 10 минути, или додека целосно да побели и згусне како шлаг крем. Најпрво матете на послаба брзина додека да се разбие желатинот, а потоа постепено зголемете ја брзината на најсилно.




Во шлаг кремот додајте ги сечканите ореви и промешајте со лажица за да се распоредат рамномерно. Наместо ореви може да додадете и сечкани желе бонбони или посни крем бананчиња или нешто по ваш избор.




Поставете еден помал лист обланда на десертна рамна чинија или послужавник, со крупните коцки свртена нагоре, па целата смеса рамномерно распоредете ја врз обландата да нема празнини и израмнете.




Треба брзо да мачкате зашто смесата може да се стегне ако ја оставите подолго време да стои. Одозгора преклопете со втор лист обланда (со рапавата страна) и малку притиснете за да се залепи. Одозгора ставете некој терет и оставете целосно да се олади и стегне, па сечете на штангли и послужете. Деталите погледнете ги ОВДЕ.