За време на постот секој рецепт за некое посно јадење е повеќе од добредојден. Така и овој рецепт за посна пченкарна проја која може да се послужи за појадок или вечера, но зошто да не и за ручек.
Многу брзо и едноставно се приготвува, а порано не можеше да се замисли посната трпеза без неа. Во продолжени прочитајте два рецепти, а за вториот можете да ја погледнете и видеопрезентацијата. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г бело брашно, 200 г пченкарно брашно, 2 големи страка праз, 100 мл масло за готвење, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 400 мл газирана вода или по потреба, сол по вкус
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 чаши (од 200 мл) пченкарно брашно (300 г), 3 страка праз (350-380 г), 1 кесичка прашок за печиво (10 г), сол по вкус, црн пипер по вкус, 400 мл газирана вода, 80 мл масло + 3-4 лажици за пржење на празот, сусам за наросување
ПОСТАПКА за рецепт 1: Белиот дел од празот ситно исечкајте го и пропжете го на малку масло, а зелениот дел исто така ситно исечкајте го, но оставете го настрана. Во подлабок сад помешајте ги двата вида брашно, прашокот за печиво и солта.
Потоа започнете да ги додавате течните состојки, маслото и газираната вода. Добро изедначете, да добиете густа, полутечна смеса, а по желба додајте и малку куркума во прав за да добиете поинтензивна жолта боја.
Додајте го издинстаниот и подизладен праз, промешајте, па смесата излејте ја во намастен и набрашнет плех со средна големина (или обложен со хартија). Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени, 20 минути. Извадете ја од рерна, одозгора наросете го зелениот дел од празот, па вратете да се допече уште 10-тина минути. Еве ја постапката и за вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: Празот исчистете го, измијте го и сотно исечкајте го. Посолете го, запиперете го и запржете го со 3-4 лажици масло на умерена температура додека убаво да омекне.
Во подлабок сад соединете ги сувите состојки: 1 кесичка прашок за печиво, 1 лажичка сол, 3 чаши пченкарно брашно (200 г), а може да се додадат и 2-3 лажици палента, по желба. Во посебен сад измешајте 400 мл газирана вода и 80 мл масло.
Започнете постепено да ги додавате сувите состојки во влажните, лажица по лажица. Треба да добиете изедначена, хомогена смеса, нешто погуста од онаа за палачинки. Додајте го пржениот и оладен праз, па промешајте.
Добиената смеса излејте ја во плех 22х30 см обложен со хартија, распоредете рамномерно, наросете сусам и ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени, 35-40 минути. Питата иако е посна, празот и дава неодолив вкус. Деталите погледнете ги ОВДЕ.