Поздрав пријатели, пред вас е еден рецепт кој ќе посакате да го направите и кога ќе заврши постот. За разлика од вообичаените рецепти каде празот треба да се издинста, во овој рецепт се прелива со газирана вода и се добива резултат кој ќе ве воодушеви.
На ваква сочна и вкусна пченкарна пита – проја, ретко кој може да и одолее. Верувам дека ќе бидете задоволни и дека ќе ви се допадне. Постапката е многу лесна и едноставна, а се приготвува и многу побрзо. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 големи страка праз, 400 мл газирана вода, 100 мл масло за готвење, 2 мали лажички сол или по вкус, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 1 чаша (од 200 мл) пченично брашно, 2 чаши пченкарно брашно, 200 г ајвар, оригано и црн пипер по вкус
ПОСТАПКА: Празот исчистете го и ситно исечкајте го, па ставете го во некој подлабок сад. Прелијте го со половина чаша масло за готвење и две чаши газирана вода. Посолете со две рамни кафени лажички сол и на крај додајте една кесичка прашок за печиво.
Добро промешајте го празот за да се распоредат состојките и оставете го така да отстои 5 до 10 минути. Оваа мешавина од состојки ќе го омекне празот и затоа нема потреба од негово дополнително пржење.
По изминатото време во мешавината додајте една чаша обично бело, пченично брашно и две чаши пченкарно брашно. За мерење користете една иста чаша од 200 мл. Зачинете по ваш вкус со малку оригано и мелен црн пипер (или зачини по ваш избор).
Сите состојки добро промешајте ги со лажица или кујнска маталка-жица, додека да добиете изедначено густо тесто без грутчиња. Добиената смеса излејте ја во тепсија или плех со средна величина (обложен со хартија за печење), распоредете ја и израмнете.
Вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени, а во меѓувреме посната проја збогатете ја со малку ајвар: со лажица ставете на неколку места за да се добие шарен пресек. По желба може да ставите и маслинки или нешто по ваш избор. Ставете да се пече приближно 35 минути или додека да зарумени. Деталите погледнете ги ОВДЕ.