„Оваа погача има преубав вкус и изглед, нам многу ни се допадна, а рецептот настана одамна кога дома имав многу компири и не знаев што со нив. Оттогаш редовно ја правиме, особено за време на пост, а кога не се пости додавам малку сечкано сувомеснато и пак излегува многу вкусна.




Инаку, може да се јаде уште додека е жешка или кога ќе се олади, да ја сечете на парчиња за закуска или да ја јадете наместо леб. Малку се разлистува, а компирот и мајонезот (посен ако постите) со кој се премачкува, даваат посебен вкус. Испробајте ја што поскоро“, порачува Ивана, а ние ја испробавме погачата и навистина е многу вкусна, вреди да се направи. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 коцка свеж квасец (40 г), 400 мл млака вода, 700-800 г брашно, 2 мали лажички сол (плус за посолување на компирот), 2 мали лажички шеќер, 100 мл масло за готвење, 4 компири со средна големина, 150 г посен маргарин, 3-4 супени лажици посен мајонез, сусам




ПОСТАПКА: Компирот сварете го во лушпа, оставете да се подизлади, па излупете го. Во подлабок сад изронете го свежиот квасец, додајте две лажички шеќер и три лажички брашно, па залијте 100 мл млака вода. промешајте за да се растворат состојките и да добиете еднолична смеса без грутчиња.




Оставете на топло место за да се активира квасецот и да запени, за што се потребни 10-15-тина минути. Потоа додајте го маслото и остатокот од водата, па добро измешајте. Започнете постепено да го додавате брашното, најдобро просеано.




Најпрво додајте помала количина, посолете, промешајте со лажица или кујнска шпатула за да се раствори брашното, па додавајте малку по малку, сè додека да се добие густа смеса. На крај рачно домесете го, обликувајте топка и оставете го на топло место без провев за да ферментира, додека да го удвои волуменот, 30-тина минути.




Тестото нежно премесете го и поделете го на 8 приближно еднакви делови, а од секој дел обликувајте топче. Секое тесто развлечете го во тенка кора со големина на тепсијата во која ќе се пече. Тркалезна тепсија обложете ја со хартија за печење, а потоа хартијата намастете ја со посен маргарин.




РЕДЕЊЕ: кора, малку рендан варен компир, неколку лажици растопен посен маргарин, малку сол (и црн пипер кој сака) и постапката се повторува додека да се потроши материјалот. Последната кора вовлечете ја внатре како да местите чаршав на кревет, па засечете ја на неколку места. Покријте ја и оставете ја на топло место да ферментира тестото и малку да нарасне.

 




Стасаната погача одозгора премачкјате ја со неколку лажици посен мајонез (преку целата површина), наросете сусам или семе и семки по ваш избор, а може и свежи ливчиња рузмарин доколку имате.

Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, 40-тина минути или додека да зарумени. Ако пребрзо ви зарумени од горната страна, прекријте ја со лист хартија и допечете ја. Деталите погледнете ги ОВДЕ.