Пивото освен како освежителен пијалак, се користи за маринирање и подготовка на сос за месо, бидејќи го хидрира и го прави посочно. Тоа го омекнува месото, така што кога го јадете се чувствува како да се топи во уста, а преку пивото, вкусот на месото станува поинтензивен. На истиот начин, пивото може да го искористите и при подготовка на теста, особено кога правите некоја посна пита со кори (домашни или готови).




Пробајте ја оваа многу вкусна пита со праз, печурки и компир. Филот може да го приспособите и според ваш вкус. Рецептот го добив од главниот готвач на еден етно ресторан, а оваа пита му е број еден на маж ми. Во посните денови многу ни се наоѓа, па кога немам идеја што да зготвам, маж ми само ќе ме потсети на овој рецепт. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400-500 г праз, 500 г шампињони, 500-600 г рендан компир, масло, сол, црн пипер. ЗА ХИДРИРАЊЕ НА КОРАТА: 50 мл масло, 100-150 мл пиво (јас користев Туборг), 400-500 г готови кори за пита. ЗА ПРЕЛИВ: 50 мл масло, 180 мл пиво.




ПОСТАПКА: Спремете си две стебленца праз и поединечно пресечете ги надолжно, па потоа на тенки и многу ситни коцки. Загрејте едно тавче со масло на тивко и ставете го празот да се испржи малку во маслото, со повремено мешање. Откога празот ќе почне да омекнува и да крчка, додајте 400-500 г цели шампињони (не мора претходно да ги сечете).




По вкус, може да ставите и една главица кромид (ситно исечкана) и неколку чешниња лук. Доколку ги додадете овие состојки, ставете ги претходно да се пропржат и да ја испуштат својата превкусна арома. Печурките содржат голема количина на вода, па при готвењето тие ќе ја испуштат и затоа нема потреба од долевање на вода.




Повремено промешувајте и гответе на тивко, додека целата вода да испари. Оставете смесата полека да крчка додека зеленчукот да се зготви и омекне. Пред крајот додајте ги ренданите компири. Отприлика ќе ви биде потребно 500-600 г компири (тоа се 3-4 поголеми компири) и изрендајте ги на најкрупната страна од рендето.




По 10-тина минути крчкање, ќе забележите дека кромидот е веќе зготвен и ја променил својата боја. Намалете ја температура и додајте ги зачините: една и пол лажичка сол или по вкус, половина лажичка црн пипер во прав. Промешајте за да се соедини со смесата и оставете една минута за да се растопат зачините, па тргнете го тавчето од рингла и оставете готовата смеса-фил да се олади.




ЗА НАТОПУВАЊЕ НА КОРАТА НА ПИТАТА: Во едно ѓезве ставете 50 мл масло и додајте 180-200 мл пиво по ваш избор. Во друг сад ставете исто 50 мл масло и 180 мл пиво. Течноста во ѓезвето ставете ја на рингла да се стопли, а ладната мешавина од масло и пиво се користи на натопување на корите.




Откога филот малку ќе се подизлади, подгответе ги готовите кори. Отворете една од корите и опипајте ја дали е тенка или подебела. Доколку кората е потенка, спојувајте по две кори. Испрскајте ја кората со ладната мешавина од пиво и масло, преклопите со втора кора, попрскајте, па нанесете малку од фило и завиткајте во тенок ролат, па свиткајте ја кората во спирална линија.




Вака подготвената кора ставете ја на средина од еден кружен плех, намастен и обложен со хартија за печење. На истиот начин се подготвуваат и останатите кори, додека да го потрошите целиот материјал и секоја наредна кора-ролат, надоврзувајте ја на претходната во плехот. На овој начин продолжете додека да го исполните целиот плех или тепсија.




Откога ќе ја подготвите целата пита, земете нож и исечете ја питата на помали парчиња. Во загреаната мешавина од масло и пиво (треба да биде тазе зовриена) прелијте ја питата, а рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени. Питата ставете ја да се пече дури кога рерната убаво ќе биде загреана и печете 10-15 минути.

По изминатото време, намалете ја температурата на рерната на 180 степени и допечете уште 20 минути. Од пивото, кората ќе нарасне, вкусот на пивото не се чувствува и е многу мека, како да е правена со домашни кори. Деталите погледнете ги ОВДЕ.