Ќе ви претставиме два рецепти за солени „бајадери“ кои се одлични за славска трпеза, бидејќи освен што се вкусни, исто така се многу декоративни. Првиот рецепт е на Јована. Совршена е за посни слави како додаток на предјадењето, на многумина им се допадна.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 800 г посен кашкавал, 250 г маргарин, 200 г презла/лебни трошки, 100 г печен сусам, 1 конзерва туна во парче (170 г), 3 сечкани кисели краставички, 1 лажичка слатка црвена пиперка во прав и 1 помала китка сечкан магдонос




ПОСТАПКА: Кашкавалот изрендајте го на ситно ренде, па изматете го со претходно омекнатиот маргарин. Смесата поделете ја на три дела. Во првиот дел ставете презла и сусам. Во вториот дел ставете исцедена туна и алева пиперка. Во третиот дел ставете сечкани/рендани краставички и магдонос.




Секоја од смесите треба добро да се измеша со раце за да се соединат состојките. Во подлабок мал плех (помал од 20х20 см) обложен со проѕирна фолија, прво нанесете ја смесата со презла, па врз неа смесата со туна и на крај смесата со краставички. Израмнете и ставете во фрижидер минимум три часа, а најдобро еден ден за добро да се стегне. Се сече убаво на парчиња по желба.




Оваа одлична солена бајадера ќе ве освои со првиот залак! Одозгора можете да наросите рендан посен кашкавал или сусам. Оваа бајадера можете да ја направите и во масна варијанта, со тоа што ќе користите обичен кашкавал и наместо туна можете да ставите варено пилешко месо, ситно исечкано.




Солена посна торта со розен кори, брзо и вкусно, декоративно предјадење идеално за посна слава. Рецепт и видео презентација на „Лесно е да се готви” ( Lako je kuvati ) – Солена посна торта со розен кори. Декоративно, вкусно, ладно предјадење кое е идеално за време на пост или за посни слави.

Потребни состојки: 1 пакување солени розен кори, 300 мл вода, 4 лажици густин, 250 г посен мајонез, 100 г посен маргарин, 2 конзерви туна од по 320-360 г (во видеото се користат конзерви од по 160 г), 450 г пченка во зрно + 200 г ако сакате да биде побогата тортата.

Исто така, може да додадете 4-5 кисели краставички, 1 лажичка црвена пиперка во прав, сол и црн пипер по вкус. За наросување: 100-150 г посен кашкавал, по желба сечкани солени кикирики. Постапка: Најпрво сварете ја пченката според упатството на амбалажата, околу 10 минути.




Потоа процедете ја. Од 300 мл вода одземете малку за да разматите 4 лажици густин, а остатокот вода ставете ја на оган да зоврие. Во водата додајте малку сол, а кога ќе зоврие постепено додајте го густинот и мешајте додека да се згусне. Во топлиот фил додајте 100 г посен маргарин и мешајте додека тој да се растопи и соедини.




Можете да матите со жица или со миксер. За побрзо да се олади филот, префрлете го во друг сад. Конзервите туна исцедете ги од вишокот масло и добро иситнете ги со виљушка. Додајте црн пипер и промешајте. На процедената пченка додајте сол по вкус и промешајте.




Во изладениот фил постепено додајте го посниот мајонез, лажица по лажица и мешајте додека да се соедини. Добиениот фил поделете го на два дела и малку оставете за премачкување на целата торта. Едниот дел додајте го во пченката и промешајте добро да се изедначи, а истото направете го со втората половина и иситнетата туна.




Двата фила поделете ги секој на три дела, за да можат рамномерно да се филуваат розен корите. Филување: кора-фил од пченка, кора-фил од туна… додека да се потроши материјалот. Во дел од остатокот од филот што го оставивте на страна додајте малку зачинска црвена пиперка и промешајте за да добиете завршен, црвен фил, врз кој ќе ставите уште една розен кора.




Врз тортата ставете нешто тешко за да можат корите да се стегнат, околу 20 минути. Потоа премачкајте ја тортата со остатокот од филот и одозгора наросете рендан посен кашкавал. Деталите околу постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.