Добар ден драги домаќини и домаќинки, денес ќе ви го откријам рецептот за оваа старинска, многу вкусна торта, која според вкусот потсетува на омилените „пиварки“, но збогатена со многу вкусен фил од ореви.

Оваа торта е старинска која ја правеа нашите баби, а денес ретко кој се сеќава на овој рецепт. Може да се направи во форма на торта, но може да се сече и како колач. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл пиво, 300 г шеќер, 500 г брашно, и лажичка прашок за печиво, сок од еден исцеден лимон, 2 кесички ванилин шеќер. За облик на торта се користи калап од 26 см. ЗА ФИЛ: 250 г мелени ореви, 300 г шеќер, околу 40 мл вода која се додава постепено




ПОСТАПКА: Во еден поголем сад ставете го пивото, додајте лимонов сок, ванилин шеќер и шеќер, па промешајте со жица маталка додека да се растопи шеќерот. Во брашното додајте го прашокот за печиво, па започнете постепено да го додавате во пивото со шеќерот.




Не ви е потребен миксер, цело време матите со кујснка маталка, а состојките многу брзо се соединуваат, за само неколку минути. Откако ќе го додадете целото брашно и убаво ќе го изматите, треба да добиете изедначена, хомогена густа смеса без грутчиња. Поделете ја на два еднакви дела (по 600 мл) за да добиете две еднакви кори.




Калап за торти со пречник 26 см намастете го и обложете го со хартија за печење, па во него излејте го првиот дел од тестото. Протресете и рамномерно распоредете, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 25 минути.




Печената кора и натаму е светла, но кога ќе ја извадите чепкалката (кога ќе пробувате дали е печена), не смее да биде влажна. Извадете ја кората заедно со хартијата за печење, па калапот повторно обложете го и во него излејте го вториот дел од тестото.




Додека се пече втората кора, првата кора префрлете ја врз десертна чинија и прекријте ја со кујнска крпа за да не се суши. Кога ќе се испече и втората кора, постапете исто како и со првата, односно извадете ја од хартијата и ставете ја врз првата кора. Одозгора повторно покријте со памучна, кујнска крпа.




ЗА ФИЛ: Во еден сад ставете го шеќерот, па започнете постепено да го прелевате со малку ладна вода. Мешајте со лажица за да утврдите дали е доволно вода (колку малку да се натопи). Потоа ставете го на тивок-умерен оган и од моментот на зовривање, мешајте 2-3 минути додека целосно да се растопи и да се добие густ сируп.




Сирупот тргнете го од рингла и веднаш додека сè уште е врел, во него додајте ги мелените ореви. Добро промешајте. Доколку забележите дека смесата е доста густа, во тој случај додајте само неколку капки врела вода и промешајте до посакуваната густина. Смесата не треба да биде ниту премногу ретка, туку доволно мека за да може да се филува.




Добиениот фил поделете го на два дела, па едниот дел рамномерно распоредете го врз првата кора. Израмнете ја површината, па ставете ја втората кора и малку притиснете со дланките. Врз втортата кора распоредете го вториот дел од филот и рамномерно израмнете, но оставете малку од филот за да ја премачкате тортата и до страните.




На крај тортата наросете ја со мелени или ситно сечкани ореви. Тортата е најдобра кога ќе отстои еден ден, а потоа да се сече и послужи. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видео презентацијата на Бојана ОВДЕ.