Посни коцки со праз и шампињони. Посни коцки, вкусно ладно мезе со печурки и праз, кое топло го препорачувам. Богат вкус и прекрасен изглед кој ќе ја украси вашата посна трпеза. Можеби ваков рецепт досега не сте нашле, но тоа е бидејќи јас го измислив и сега го споделувам со вас.
Потребни состојки: 2 парчиња праз, 450 г шампињони, 2 лажички зачини, половина кафена лажичка црн пипер, малку сол, 500 г посно лиснато тесто, 3-4 лажици ајвар, 2 лажици посен мајонез, 200 г рендано посно сирење/кашкавал.
Постапка: Најпрво подгответе го филот од праз и печурки. Добро измијте ги стебленцата праз и ситно исечкајте ги. Ставете ги да се пржат во малку масло на средна температура. Во меѓувреме исечкајте ги на коцки или листови шампињоните.
Ставете ги да се пржат во празот и со повремено мешање гответе додека да испари течноста која ќе ја пуштат. Можеби ќе се готват некои 20-тина минути, важно е убаво да се испржат да нема течност. Зачинете со малку црн пипер, вегета доколку сакате..
И на крајот додајте уште малку сол. Доколку не користите вегета може да го прескокнете тој чекор, доволно е само сол и црн пипер. Земете една кора од лиснатото тесто и ставете на плех со хартија за печење и испечете на 200 степени, 10-тина минути.
Во меѓувреме почекајте филот да се олади малку. Кога кората ќе се испече малку притиснете ја доколку премногу ви пораснала како мене. Потоа се сече на 4 еднакви делови во зависност од големината, ако е премногу мала може да користите 2 кори кои ќе ги поделите на половина.
Првата пресечена кора ставете ја на тацна и премачкајте ја со половина од филот од праз и шампињони. Потоа ставете ја втората кора и повторно притиснете благо со рацете. На втората кора премачкувате со тенок слој на посен мајонез.
Потоа премачкувате со ајварот и наросувате малку од ренданиот кашкавал или посно сирење. Ја ставате одозгора третата кора, повторно притискате благо и премачкувате со втората половина од филот со праз и шампињони.
Добро распоредете и на крајот се става четвртата кора и се притиснува. Премачкајте со посниот мајонез во уште малку тенок слој и изрендајте кашкавал. Може со мајонезот да премачкате и по страните, но мене ми е поубаво само одозгора бидејќи сакам да се гледа разновидноста на филовите.
Оставете малку да се излади посната торта на собна температура околу 30-тина минути, а потоа послужете со сечење на коцки. Деталите од целата постапка може да ги погледнете во видеото ОВДЕ.