Рецепт и видео презентација на Мама Роуз – Супа од тиква.

Здраво, јас сум Мама Роуз а денес во мојата кујна ќе подготвам супа од тиква која одлично ќе ве згрее овие зимски денови. За приготвување на супата користам тиква наречена “круша” поради нејзиниот облик

Потребни состојки:

1 кг тиква, 3 моркови, 3 компири, ½ страк праз, 2 стапчиња целер (или половина главица корен со лист), 2 мали главици кромид, 5 лажици доматен сос, сол, црн пипер, 1 зеленчукова коцка за супа, 1 морско оревче, 30 г путер или маслиново масло и 1,5 литар вода.

Постапка:

Тиквата излупете ја со ноже за лупење компири, па исечете ја на половина и отстранете ги семките. Потоа исечете ја на коцки со приближно еднаква големина, за да можат истовремено рамномерно да се сварат.

Исто така исечете ги и исчистените моркови, компирите, целерот, кромидот и празот. Додадете путер исечкан на коцки (или по желба маслиново масло) и запржете го зеленчукот.

Откако ќе се загрее и ќе започне да ги ослободува мирисите, започнете со постепено долевање на вода, додека да се прелие зеленчукот (околу 1 литар). За вкус додадете издробена зеленчукова коцка за супа (посна) и посолете по вкус.

Оставете да се крчка поклопено на умерена температура додека да омекне зеленчукот (на плин приближно 35 минути, а на електричен шпорет можеби 40-45 минути).

Тенџерето тргнете го од оган и испасирајте го со рачен миксер додека да добиете густа каша. Потоа вратете го на оган, па бидејќи супата е густа, разредете ја со уште половина литар вода.

Оставете да зоврие и после 10 минути проверете ја за сол, па по потреба додадете уште малку и зачинете со црн мелен пипер, малку мелено мускатно оревче и околу 5 лажици доматно пире.

Добро промешајте и супата е готова. Прекрасно мириса и многу е вкусна, мора да ја направите – порачува Мама Роуз. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.