За да ги приготвите овие колачи не ви се потребни специјални продукти: потребни ви се јајца, брашно, путер и какао, истите состојки како за повеќето колачи. Меѓутоа овие се разликуваат од останатите според начинот на подготовка и комбинација на истите. Се декорираат со бело чоколадо и кикирики од страните. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 320 г меко бело брашно, 2 јајца, 50 г шеќер, 80 г путер, 80 мл масло, 1 кесичка ванилин шеќер, 2 лажици слатко какао или чоколадо во прав (може „несквик“, „краш експрес“…), 1 прстофат сол, 3 г прашок за печиво (мало лажиче), кикирики, 60 г шеќер, 60 г бело чоколадо, 60 мл вода и уште малку бело чоколадо за декорација.
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете прстофат сол, едно јајце и една жолчка. Белката сочувајте ја во посебен сад, во фрижидер. Во садот додајте една кесичка ванилин шеќер и 50 г кристален шеќер, па изматете со жица-маталка додека да се растопи шеќерот.
Во смесата додајте две лажици „Несквик“ (слатко какао) и 80 г путер, претходно исечен на коцки и омекнат на собна температура. Додајте 80 мл масло за готвење, па повторно изматете. Ако ви е полесно, може да матите и со миксер.
Кога ќе добиете изедначена смеса, додајте 3 г прашок за печиво, промешајте, па додајте 320 г просеано бело брашно. Овојпат смесата замесете ја со раце за да може убаво се поврзат состојките и да добиете компактно, меко и мазно тесто кое лесно се обликува со раце.
Тестото оставете го во фрижидер да се олади 20-тина минути, а потоа кинете мали парчиња од него и со помош на дланките формирајте мали топчиња со големина на орев. Топчињата малку сплескувајте ги.
Потоа валкајте ги само од едната страна прво во белка, а потоа во крупно сомелени истостирани кикирики (пропржени во сува тава на умерена температура додека малку да замирисаат, па оладени и сомелени).
Потоа со помош на прстот направете мало вдлабнување во средина од секое топче, така да добиете како „гнездо“. Подготвените колачиња редете ги во намастен и со хартија за печење обложен плех.
Ставете да се печат во претходно загреана рерна на 170 степени, околу 15-20 минути. За тоа време пригответе ја глазурата за декорација: во едно тенџере ставете шеќер, па загревајте го на умерена температура додека да се растопи и карамелизира.
Додајте ја водата и мешајте постојано додека да се раствори целиот карамел. Потоа додајте го белото чоколадо и гответе со постојано мешање една минута на умерена температура. Смесата оставете ја малку да се подизлади (за тоа време и колачите ќе се оладат), а потоа складирајте ја во кеса. Потсечете го аголот на кесата.
Со овој карамел полнете ги вдлабнувањата на колачите. Декорирајте со растопено бело чоколадо. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.