Овој рецепт за сос од лук не е како класичниот кој се приготвува најмногу од лук од масло, туку е малку полесна верзија.
Одговара за секакви јадења како прелив или додаток. Лесно и многу брзо се приготвува.
Количините што се дадени се мали, за основна доза, а вие според потребите можете да ја зголемите количината на состојките.
Потребни состојки:
2 лажици брашно
2 лажици масло
сол по потреба
2-3 чешниња лук
малку лист од магдонос
Постапка:
1.Брашното запржете го кратко во маслото, а потоа налејте ладна вода колку да се прекрие. Оставете да крчка на тивок оган со повремено мешање, а по потреба долевајте вода.
2.Посолете по вкус и додадете ситно исечкан или истолчен лук.
3.Повремено промешувајте и внимавајте да не ви загори. Смесата треба да биде полутечна, со конзистенција како мајонез.
4.На крај кога сметате дека сосот е готов, тргнете го на страна и додадете ситно исечкан лист од магдонос.
Промешајте и послужете со главното јадење.