Овој колач навистина е многу брзо се приготвува од состојки кои веќе ги имате дома. Тестото за бисквитот со рака го натапкувате во плехот и го печете само 15 минути. Комбинацијата од џем од сливи и чоколадо е навистина нешто, што го прави овој колач неодолив.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2,5 шолји (од 200 мл) брашно, 1 шолја шеќер, 1 шолја масло, 2 кафени лажички сода бикарбона, 1 лажичка цимет, 2 лажици џем од сливи.

ПОСТАПКА: Во подлабок сад измешајте го брашното и шеќерот, па додајте масло, сода бикарбона, и цимет. Добро соединете ги состојките. Не ви е потребен мискер, мешајте со лажица.




Пред крајот додајте 2 лажици џем и убаво изедначете ја смесата. Треба да добиете ровко тесто (како влажен песок). Плехот со димензии 20х30 см намастете го со малку масло и наросете го со брашно. Вишокот истресете го. Потоа со рака распоредете ја смесата на дното од плехот.




Убаво и рамномерно распоредете ја смесата, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 15 минути.

За тоа време 100 г чоколадо за готвење искршете го на коцки и прелијте го со две лажици масло. На тивок оган растопете го. Печената кора оставете ја малку да подизлади, па додека е топла премачкајте ја со џем од сливи. Најодзгора рамномерно прелијте ја чоколадната глазура.




Оставете целосно да излади и да се стегне глазурата, па сечете го колачот на парчиња со величина по ваша желба. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ, во продолжение прочитајте рецепт за уште еден посен и здрав колач со џем:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 мл вода (може и газирана), 12 лажици шеќер, 20 лажици брашно, 1 прашок за печиво, 1 лажичка сода бикарбона, 8 лажици ореви (4 мелени + 4 сечкани), 4 лажици џем од кајсии.




ПОСТАПКА: Сите состојки убаво ги матите со миксер во поголем сад додека да добиете хомогена смеса. На крај ги додавате оревите и промешувате. Добиената смеса излејте ја во тепсија бр. 28 претхоно намастена и побрашнета.




Ставете да се пече во загреана рерна на 190 степени околу половина час. Проверете со чепкалка дали е добро печен колачот. Уште додека е топол печениот колач, штом го извадите од рерна премачкајте го со џем од кајсии преку целата површина и обилно наросете го со сечкани/мелени ореви. / Фото и рецепт: Александра Шуманова. Прочитајте го и третиот рецепт од кој сигурно ќе бидете воодушевени:




(трет рецепт) Потребни состојки: 2 шолји рендано јаболко, 1 шолја рендан морков, 1/2 шолја масло, 1/2 шолја вода, 1/2 шолја шеќер, 1 шолја пченкарни или пченични снегулки, 1/2 шолја интегрално брашно, 1 прашок за печиво, 1 помало посно чоколадо.




Постапка: Во еден подлабок сад измешајте го брашното, пченкарните снегулки, шеќерот и прашокот за печење. промешајте за убаво да се распоредат состојките. На страна измијте ги и излупете ги јаболката и морковите.

Изрендајте ги на крупно ренде, па додајте ги во сувите состојки. Потоа преостануваат само уште течните состојки, водата и маслото. Промешајте додека да се изедначи смесата, па излејте ја во соодветен калап обложен со хартија за печење. Печете во загреана рерна на 180 степени. Печениот колач прелијте го со растопено чоколадо. Гага / Сооlinarika.com