Рецептот на Валентина Машковиќ ме воодушеви кога го објави на нејзиниот канал. Станува збор за еден старински, посен колач кој се подготвува за кратко време, а многу е кремаст и сочен. Многу одамна го правев често и со текот на времето како да го подзаборавив, а сега повторно се сетив на него.
Валентина вели дека доаѓа од тетратката на мајка си, која содржи многу стари и вкусни рецепти кои се безвременски. Веднаш си го запишав рецептот, а најубаво е и вие тоа да си го направите, бидејќи ваков колач не се пропушта, секогаш е добар избор за посните денови, но и кога не се пости. Еве што ви е потребно за да го направите:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА БИСКВИТ: 400 мл газирана вода, 13-14 лажици шеќер, 13-14 лажици брашно, 4 лажици масло, 100 г посен бисквит/плазма, 5 лажици мелени ореви, 1 лажица сода бикарбона, 1 кесичка од 5 г цимет, 300 г џем по ваш избор, 2 лажици какао, 200 мл сок за натопување на кората.
ЗА КРЕМ: 125 г посен маргарин, 100 г шеќер во прав, 100 г стопено чоколадо, 200 г посен бисквит/плазма, 100 г мелени ореви, 200 мл сок од портокал. ЗА ГЛАЗУРА: 100 г чоколадо, 4 лажици масло, 100 г мелени јатки за декорација.
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад сипете 300 мл газирана вода (околу 1 и пол чаша од 200 мл), додајте 13-14 лажици шеќер, а можете и помалку доколку ви е многу. Шеќерот промешајте го во водата, па додајте иста количина на брашно, околу 13-14 лажици. Додајте 4 лажици масло, па повторно промешајте ги нежно состојките со лажица.
Јас овојпат малку го изменив рецептот и додадов 100 г посна плазма, наместо посни бисквити. Потоа, додајте 5 лажици мелени ореви, 1 лажица сода бикарбона и 1 кесичка цимет. Преостанатата газирана вода (околу 100 мл) додајте ја во џемот, најдобро е да биде домашен.
Малку промешајте додека да се разреди, па додајте го џемот со водата заедно во смесата од останатите состојки. Измешајте ги состојките, па на крајот додајте уште 2 лажици какао. Соединете ја смесата додека да стане еднолична и да нема поголеми грутчиња од сувите состојки.
Вака подготвената смеса излејте ја во намастен и набрашнет калап со димензии 25х35 см, рамномерно распоредете ја и печете во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 25 минути. Во меѓувреме, додека бисквитот се пече, подгответе го кремот:
ЗА КРЕМОТ: Омекнатиот маргарин на собна температура измешајте го со 100 г шеќер во прав и измиксајте ги состојките неколку минути. Додајте 100 г растопено чоколадо (посно) и 200 г мелена плазма, па повторно измиксајте до соединување. На крајот во кремот додајте 100 г мелени ореви и 200 мл сок од портокал, па повторно соединете во едноличен крем.
ФИЛУВАЊЕ: Испечената кора проверете дали е испечена со помош на чепкалка, па избоцкајте ја на неколку места и прелијте ја со 200 мл газиран сок (најубаво да е од портокал). Оставете сокот да впие неколку минути во бисквитот, па прелијте со кремот кој го подготвивте и добро израмнете го.
Врз кремот прелијте ја чоколадната глазура која сте ја направиле на пареа со соединување на 100 г посно чоколадо и 4 лажици масло. Преку глазурата, наросете го колачот со јатки (мелени ореви) и ставете го во фрижидер да се стегне неколку часа. Пред послужување, колачот се сече на коцки. Деталите може да ги погледнете ОВДЕ.