Многу вкусно јадење, секогаш кога ќе го приготвам цело се изедува.
Потребни состојки: 1 кг мелено месо, 3 главици кромид, 3 домати, 2 китки магдонос, 1 супена лажица сув зачин (вегета), 1,5 шолја за кафе ориз, сол и црн пипер по вкус, 1 лажичка црвен мелен пипер, 100 г путер, 100 мл маслиново масло и пиперки за полнење, може црвени, зелени, бабури, сомборки, ајварки, по избор
Постапка: Меленото месо пропржете го со путерот. Додадете ситно сечкан кромид, црвен мелен пипер, вегета, сол и црн пипер по вкус.
Кога ќе испари вишокот сок од кромидот, додадете измиен ориз и ситно сечкан магдонос. Промешајте убаво за да се изедначи смесата, па тргнете од оган.
Во меѓувреме исчистете ги пиперките од семето и малку исечете го врвот, не целосно, сепак низ него да влегува водата при печењето, така се посочни.
Од доматите направете капи со кои ќе се затворат полнетите пиперки. Внатрешната страна од доматот ситно се сечка и се додава во филот.
Внимателно се полнат пиперките со филот и се затвораат со парче домат. Се редат во тепсија. Се додава една чаша вода и маслиново масло. Се покрива тепсијата со алуминиумска фолија. Може да се користи и огноотпорен сад за печење со капак.
Ставете да се пече во загреана рерна на 170 степени. Повремено проверувајте дали се готови пиперките, а пред крајот тргнете ја фолијата или капакот и оставете уште малку да се запечат.
Послужете ги топли со јогурт, таратур или друга салата. Полнетите пиперки може да се направат и еден ден порано, а погодни се и за замрзнување. Оставете ги сами да се одмрзнат или одмрзнете ги во микробранова печка.
Зимно време ги правам од замрзнати пиперки кои претходно сум ги исчистила од семето и сум ги замрзнала. Капите ги редам во тепсија, ги замрзнувам, а потоа ги вадам и ги чувам во кеса. Ги полнам додека се замрзнати пиперките и ги затворам со замрзнати капи.
Коментар на Ирена Илиевска-Голубовиќ: “Јас ги правам на друг начин и без ориз само со мелено месо и со пасиран домат : 1 главица ситно сецкан кромид го пропржувам потоа го додавам меленото месо и зачини по вкус магдонос, оригамно , вегета , црн бибер…
Кога цела смеса ке се испржи додавам пола литар пастеризирано доматно пире и го оставам едно 15 на тивко да се крчка , потоа ги полнам пиперките со смесата и ако остани од филот го турам во тепсијата , настрана во еден подлабок сад ставам 3 лажици брашно и вода и убаво да се измеша и преливам преку пиперките и 1 чаша вода прекривам со фолија и се печат на 180 околу пола сат пред крај ја тргам фолијата и ги оставам уште 10 минути … на здравје 😊”