Ќерка ми е голем љубител на домашни колачиња, па таа ми помагаше додека ги подготвувавме во кујната. Процесот на подготовка е многу едноставен, тестото за 1 минута се замесува, не се чека да стасува, а потоа со чаша се вадат кругови.




Додека ќерката вадеше кругови со чаша, јас го подготвував филот како пудинг, а потоа само ги филувавме и ги ставивме на печење. Еве веќе 15 минути како ги направив, а веќе домашните им направија ,,бришка”, не остана ниту едно, и веднаш почнав да правам втора тура.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 2 јајца, 100 г шеќер, 100 мл сончогледово масло, ренданата кора од портокал, 280 г брашно, 10 г прашок за печиво. ЗА КРЕМОТ: 300 мл млеко, 1 јајце, 50 г шеќер, 1 лажица пченкарен скроб, 1 лажица брашно и шеќер во прав за декорирање.




ПОСТАПКА: За да го замесите тестото потребно е во еден сад да ги скршите двете јајца и пенасто да ги изматите заедно со шеќерот кој треба да се растопи во нив. Мешајте брзо со жица/маталка до соединување. Додајте го маслото и ренданата кора од портокал и повторно фино измешајте. Кора од портокал се додава сосем малку колку да се почувствува цитрусна нота.




Во смесата се додава брашното измешано со прашокот за печиво и се замесува фино и цврсто тесто кое не треба да се лепи на прсти, ниту да се распаѓа. Ова е од оние теста кои лесно се замесуваат и не се чека да стасаат. Тестото се става во фрижидер да отстои 20 минути додека го подготвувате филот за да биде поцврсто.




Подготовка на филот: 300 мл млеко се соединува со 1 јајце, се додава шеќерот, скробот и брашното. Убаво се промешува и се става на рингла додека млекото да зоврие. Потоа се намалува температурата на ринглата на најниско и со мешање се чека додека филот да згусне како пудинг.




Од целото тесто пресечете 1/3 и тргнете настрана. Со преостанатото тесто, ставете го на набрашнета површина и развлечете го со оклагија со дебелина од половина милиметар. Со помош на чаша вадете кругови, а со вишокот тесто повторно соединете го и извадете кругови додека да го потрошите целиот материјал.




Филот почекајте малку да се олади, па ставете го во кујнски шприц. Со него полнете ги круговите од тестото на средина, а истото може да го правите и со лажичка, тоа е поедноставно. Со тестото кое претходно го тргнавте настрана треба да ги покриете колачињата кои сте ги обложиле со фил.




Изрендајте го цврстото тесто врз филот, колку да се покрие малку смесата, а потоа колачињата редете ги на плех обложен со хартија за печење. Печете во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 20 минути. По печењето, наросете ги со шеќер во прав по желба. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.