Одлично решение за вечера или појадок со чаша јогурт или убаво кисело млеко, а притоа ќе направите „чистка“ од фрижидерот и ќе потрошите сè што ви е вишок или на состојките на кои им е при крај рокот на траење. Секако, полнењето може да биде по желба, а ние ќе ви го претставиме нашиот предлог. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за тесто: 200 мл млеко, 25-30 г свеж квасец или 7-8 г сув квасец, 1 супена лажица шеќер, 200 мл вода, 8 супени лажици масло, 1 цело јајце + 1 белка, 700 г меко брашно + малку за премесување, 1 супена лажица сол, 1 жолчка + 1 лажица млеко за премачкување и семки за наросување
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за фил: 250 г ситно сирење, 100 г пилешка салама со зеленчук, 50 г домашно димено/суво месо, 60 г кашкавал/тврдо сирење. Сите количини можат да бидат по желба, а може да изберете и пица-фил на пример.
ПОСТАПКА: Во подлабок сад за месење сипете топло млеко, шеќер и квасец, па добро промешајте за да се растопат состојките и оставете да отстои на топло место 10-тина минути за да се активира квасецот и да запени.
Потоа додајте топла вода, масло, јајце и белка (претходно отстојани на собна температура), па изматете со кујнска жица-маталка за да се изедначи. Жолчката сочувајте ја за подоцна. Во течната мешавина сипете го брашното и повторно измешајте со дрвена лажица или со кујнска шпатула.
Сите состојки треба да се изедначат, брашното да ја впие сета течност и да добиете меко и лепливо тесто. Натопете ги прстите во масло и со намастени раце истргајте го тестото од лажицата и обликувајте топка.
Тестото оставете го да ферментира на топло место без провев додека да го удвои волуменот, 30-40 минути, а за тоа време пригответе го филот. Може да биде по желба, а најдобро е да ги искористите остатоците од фрижидерот, односно она што веќе го имате.
Јас имав сирење, салама, шунка и парче кашкавал/тврдо сирење, па сето тоа го измешав и го искористив. Може да ги изрендате состојките, да ги исечкате на коцки или да ставате поголеми парчиња, како ви е желба. Стасаното тесто со помош на малку брашно премесете го и поделете го на два дела.
Обликувајте две топки, па секоја развлечете ја во кора со пречник 28 см или приближно, во зависност од големината на плехот во кој ќе ја печете питата. Кората префрлете ја во намастен плех, покријте со крпа и оставете да ферментира половина час. Потоа, натопете ги прстите во масло и 2 см од крајот во круг правете како мал канал во кој ќе го ставате филот.
Направете два вакви круга од кои едниот е поблиску до центарот. Во делот каде сте „буцкале“ со прстите ставете половина од филот на едната погача, а половина во втората погача. Изматете жолчка со лажица млеко и премачкјате ги деловите тесто околу филот. По желба наросете семе и семки.
Вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени, а за тоа време погачата малку че ферментира. Ставете да се пече во врелата рерна, 25-30 минути или додека да зарумени. Оставете 5 минути да подизлади, па послужете ја. Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ.