Пилешкото бело месо испохувано на овој начин гарантира крцкав и многу, многу вкусен ручек. Неверојатно брз и вкусен рецепт за пилешко бело месо, а сепак различно од класичното похување кое вообичаено го користиме (јајца и лебни трошки).
Со само неколку состојки ќе добиете брз и вкусен оброк кој можете да го послужите со прилог по ваш вкус или евентуално со некоја сезонска салата. Месото можете да го печете во рерна или пак да го испржите вообичаено од двете страни. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 парче пилешко бело месо (приближно 130 г), 1 компир (190 г), 1 јајце, лук во прав/гранули, 1/2 лажица брашно, соја сос, кечап, црн пипер во прав, сол, црвена зачинска пиперка во прав, по желба може да додадете ѓумбир во прав, чили во прав, сол по вкус
ПОСТАПКА: Месото исечете го на тенки ленти и избоцкајте го со виљушка. Во еден подлабок сад измешајте ја маринадата за месото: една лажица соја сос, една лажица кечап или доматно пире, половина лажичка лук во прав, половина лажичка црвен пипер во прав (благ или лут), по желба 1/2 лажичка ѓумбир во прав и малку сол, по вкус.
Изматете добро за да се соединат сите состојки во хомогена, густа смеса која може да се мачка. За да ја прилагодите густината додајте повеќе течни состојки (за да ја разредите) или прашкасти состојки (за да ја згусните).
Во оваа маринада ставете ги парчињата месо и добро натопете ги од секоја страна. Садот со месото и маринадата оставете го кратко во фрижидер. За тоа време измијте го компирот и излупете го, па ситно изрендајте го.
Компирот исцедете го низ раце колку што можете повеќе, да нема сок во него. Посолете го и запиперете го по вкус, додајте 1/2 лажица брашно и едно цело јајце. Измешајте ги состојките со виљушка додека да се изедначат.
Врз секое парче месо нанесете дебел слој од смесата со компир и убаво натапкајте. Обложете го месото од двете страни и спуштете го да се пржи во тава со загреано масло на умерена температура. Пржете по неколку минути од двете страни.
Внимавајте на температурата, таа не смее да биде премногу силна, зошто брзо ќе фати коричка однадвор, а месото нема да се зготви доволно одвнатре. Компирот од надворешната страна ќе формира многу вкусна крцкава коричка. Деталите погледнете ги ОВДЕ.