Нема да ви одземе многу време за подготовка, а многу е вкусно и крцкаво. Пилешкото приготвено на овој начин е секогаш добар избор кога сакате брз и вкусен ручек. Ќе ви откриеме два рецепти, а вие одберете кој повеќе ви се допаѓа:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 парче свежи пилешки гpади (бело месо), 3 супени лажици кисела павлака, 1 полна супена лажица мајонез, 1 мала лажичка сенф, малку сол и мелен црн пипер, 1 прстофат лук во прав (може и повеќе) и лебни трошки (презла) за обложување на месото.
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: околу 300 г бело месо, 100-150 г брашно, 100-тина мл пиво (по потреба), 1 полна лажица мајонез, 1 супена лажица кисела павлака, 1 мала лажичка сенф, сол и црн пипер по вкус, 2 јајца, неколку чешниња лук, малку магдонос, масло за пржење
ПОСТАПКА ЗА РЕЦЕПТ 1: Исечете го месото на тенки филети. Во посебен сад соединете ја киселата павлака, мајонезот и сенфот, па зачинете по желба со сол, црн пипер и лук во прав (може и малку кари или готова мешавина за пилешко месо).
Во приготвената смеса потопете ги парчињата пилешко месо убаво да бидат покриени, па оставете ги покриени во фрижидер да одморат половина час за да ги впијат вкусовите.
Секое парче обложете го со лебни трошки од сите страни и наредете го во плех обложен со хартија за печење и малку намастен.
Подготвените парчиња месо ставете ги да се печат во загреана рерна на 180 степени околу 20 минути или додека да заруменат.
Во зависност од тоа како ви пече рерната, проверете некаден на средина од печењето дали треба да се превртат за да бидат рамномерно испечени. Вториот рецепт од Јелена Петровиќ има и видео презентација која можете да ја погледнете подолу во текстот:
ПОСТАПКА за рецепт 2: Месото исечкјате го на тенки филети или парчиња по желба, па посолете го и запиперете го по вкус.
Во подлабок сад ставете го брашното и скршете две јајца, посолете со прстофат сол, па додајте го пивото и добро изматете за да нема грутчиња. Треба да добиете густа и мазна смеса (погуста од онаа за палачинки).
Парчињата месо потопувајте ги во смесата и пржете ги во умерено загреано масло додека да заруменат како крофни. Вадете ги врз чинија обложена со хартиена салфетка. Потоа пригответе го сосот: измешајте павлака, мајонез, сенф и додајте ситно сечкано лукче и свеж магдонос, промешајте и послужете. Деталите погледнете ги ОВДЕ.