Обично погачите се замесуваат со брашно во кое се додаваат уште неколку состојки, но оваа погача се приготвува со само една супена лажица брашно. Многу е вкусна и лесна за приготвување, секој може да ја направи.
Состојките се матат со миксер, па немате потреба од рачно месење, а со тоа нема да ви се извалка масата ниту подот од разлетаното брашно. Погачата излегува многу вкусна и откако еднаш ќе ја пробате, ќе ја правите многу често. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 јајца, 250 мл млеко, 1 супена лажица брашно, 16 г прашок за печиво (1,5 кесичка), 10 г путер и 100 г фета сирење. Од зачини: сол, црн пипер во прав и зачинска црвена пиперка по вкус.
ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете шест јајца и пенасто изматете ги со миксер. Матете ги неколку минути додека да згуснат и да го зголемат својот волумен, Потоа додајте 250 мл млеко и помешано брашно (1 лажица) со 16 г прашок за печиво.
Во јајцата додајте и 10 г растопен путер, па продолжете со матењето додека да се изедначат состојките и во смесата да нема грутчиња од брашното. Сто грама фета сирење изрендајте го и додајте го во мешавината од јајца.
Промешајте со лажица или шпатула за да се натопи сирењето, а потоа зачинете со малку мелен црн пипер и црвена зачинка пиперка во прав. Сол додајте по вкус, а доколку сирењето е солено, тогаш нема потреба од солење.
Погачата ќе нарасне во текот на печењето, па затоа најдобро е да користите некој помал, но подлабок огноотпорен сад. Намастете го убаво со малку растопен путер, на дното и ѕидовите, па излејте ја внатре приготвената смеса.
Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу половина час или додека убаво да зарумени. Потоа извадете ја и оставете малку да подизлади, па внимателно превртете ја врз чинија (а потоа со друга чинија повторно превртете ја). Послужете за појадок или вечера со сезонска салата.