За приготвување на оваа погача потребна е тркалезна тепсија со пречник од 30 см или куглоф.

Потребни состојки: 20 г свеж квасец, 1 лажичка шеќер, 1 лажичка брашно, 150 мл млако млеко, околу 850 г брашно тип 400, 180 г кисела павлака 20% мм, 100 мл јогурт, 1 лажица маст или 3 лажици масло, 1 лажичка бела винска киселина или ракија, 1 лажичка сол и 2 јајца

За фил: 300 г крем сирење, 300 г шунка, суво месо или нешто по ваш избор. За премачкување: 1 белка

Постапка:

Во шолја со 150 мл млако млеко издробете го квасецот и промешајте го со една лажичка шеќер и една лажичка брашно. Оставете го да се активира 10-тина минути додека да запени.

Одокативно истурете половина од брашното, додајте го активираниот квасец и сите наведени состојки за тестото.

Постепено додавајте го остатокот од брашното и замесете тесто кое не се лепи на рацете. Оставете го на топло место да се удвои, приближно околу еден час.

Премесете го тестото и на добро набрашнета работна површина развлечете го во кора со облик на квадрат, приближно 50х50 см. Премачкајте ја кората преку цела површина со крем сирење. Одозгора врз крем сирењето наросете ситно сечкана шунка.

Внимателно свиткајте ја кората во ролат. Исечете го ролатот по должина на два еднакви дела, но оставете го едниот крај да биде споен неколку см.

Околу тој непресечен крај завиткајте ги краците на ролатот еден околу друг и истовремено малку виткајте го ролатот околу неговата оска – за да добиете плетенка.

Добро намастете го дното и ѕидовите на тепсијата/калапот со пречник 30 см. Во центарот на плехот ставете огноотпорен сад кој исто така, добро сте го намастиле од надворешната страна.

Спуштете ја плетенката во плехот, обмотајте ја и спојте ги краевите еден со друг. Оставете ја погачата да стасува околу еден час. Пред печење можете да ја премачкате со белка и да ја посипете со сусам.

Ставете ја да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 30 минути, па намалете на 180 степени и печете уште 30 минути. Ако започне брзо да потемнува одозгора – покријте ја со фолија.

Кога ќе се испече извадете ја внимателно од калапот и превртете ја на крпа за да го извадите и средишниот дел. Повторно свртете ја и уживајте во вкусната погача.