Овој прекрасен рецепт за старинска обланда која ќе ве врати во убавите спомени, ни го откри нашата драга членка Цветанка Стојановска во групата НМД рецепти. Може да се приготви и во посна варијанта.
„Здраво пријатели! Попладневното кафе си го продолжив со еден подзаборавен десерт. Рецептот го имам од мојата покојна мајка и одвреме-навреме кафето и обландата ме потсетуваат на неа.”
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл млеко, 300 г шеќер, 250 г путер или маргарин, 100 г црно чоколадо, 300 г таан алва, 300 г мелени кекси, 200 г мелени ореви/кокос или нешто по желба, 1 пакување обланда и чоколадо за глазура по желба.
ПОСТАПКА: На тивок оган се ставаат млекото со шеќерот, путерот, чоколадото и алвата. Се меша постојано додека да се растопат состојките и да се соединат.
Откако ќе зоврие се трга настрана и се додаваат 300 г мелени бисквити и 200 г мелени ореви или друго јаткасто овошје или како јас денес, кокосово брашно.
Се меша со лажица додека е врела течноста и веднаш се филуваат обландите. На крај одозгора се притиска со некој тежок предмет и се остава да се олади.
Потоа се сече по желба: триаголници, коцки или правоаголници, а одозгора се преливаат со растопено чоколадо.
СОВЕТ ПЛУС: Филот може да се прави и со вода наместо млеко, маргарин наместо путер, посни бисквити во посната варијанта. Без разлика дали ги правите посни и мрсни, ова е најубавата обланда која некогаш ќе ја пробате.
А ако досега не сте правеле ролат со обланди, со цело срце ви го препорачуваме и следниот рецепт: Прекрасен чоколаден ролат, доколку сакате да подготвите нешто набрзина. Ќе ви бидaт потребни овие состојки:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 50 г шеќер во прав, 100 г маргарин / путер на собна температура, 1 кора обланда, 20 г темно чоколадо, 100 г мелени бисквити, 20 г сечкано кандирано овошје, 2 лажици сечкани ореви, 1 јајце, неколку капки екстракт од рум.
ПОСТАПКА: Обландата ставете ја помеѓу две водени крпи, добро исцедени и оставете да омекне 15 – 20 минути.
Во меѓувреме, пенасто изматете го јајцето со шеќерот во прав. Додајте го маргаринот и чоколадото, па смесата згответе ја на пареа до густина на пудинг.
Треба да бидете внимателни да не зоврие, бидејќи ќе се појават грутки. Кога смесата ќе добие густина на пудинг, тргнете од рингла и додајте неколку капки рум, мелени бисквити, сечканите ореви и сувото овошје.
Смесата премачкајте ја преку обландата, па со помош на долната крпа свиткајте го ролатот. Ролатот се става во алуминиумска фолија и се остава во фрижидер да отстои најмалку 3 часа.
По изминатото време, се сечат парчиња со дебелина од 1 – 2 см, па повторно се враќа во фрижидер во затворена кутија или покриено за да не се исуши кората.