Направете го овој рецепт, па ќе се уверите дека овие питулици се најмеките и највкусните кои некогаш сте ги пробале. Можат да се јадат самостојно, или со сирење, крем, ајвар, кајмак, или во слатка варијанта со џем. Кога еднаш ќе ги пробате, ќе сакате да ги јадете секојдневно!

Потребни состојки:

200 мл топло млеко

150 мл млака вода

1 кесичка квасец

1 мала лажичка шеќер

150 г грчки јогурт

1 јајце

2 мали лажички сол

600 г брашно

Масло за пржење

Кајмак, сирење, крем…

Постапка:

Во еден сад измешајте: млеко, вода, шеќер и квасец. Оставете пет минути да се активира квасецот. Додадете јогурт, јајце и брашно помешано со сол.

Со миксер со маталки за тесто мешајте околу 7-8 минути, за да добиете меко, мазно и малку лепливо тесто.

Добиеното тесто покријте го со крпа и оставете да се удвои.

Надојденото тесто премесете го на набрашнета површина, па поделете го на осум топчиња.

Во тава налејте масло да се покрие дното. Секое топче развлечете го со дебелина од 0,5 см, па печете ја питулицата на умерено загреаното масло, по неколку минути од секоја страна, да порумени.