Рецепт и видео прилог на Бокина Кујна – Плазма торта за 15 минути. Уште еден брз и едноставен рецепт кој на сите им се допадна.
Едноставен е за приготвување, а за негово приготвување потребни се само 5 состојки. За да излезе во ваква форма како од фотографијата, потребен ви е долгнавест, а тесен калап за печење ролати или леб. Исто така, можете да го приготвите и во калап за торти, па да го сечете како триаголници.
За декорација на колачот можете да користите чоколадна глазура, но исто така, богато би изгледало доколку го декорирате со шлаг крем или сечкано овошје, бобинки или овошна глазура. Сепак, декорацијата е индивидуална и по сопствен избор.
Потребни состојки: 600 г мелена плазма (или кекси по избор), 350 – 400 г шеќер во прав, 1 ванилин шеќер, 350 – 400 г путер или маргарин, 350 – 400 мл сок од портокал, 100 г мелени ореви или лешници. За глазура е потребно 100 г чоколадо или шлаг
Постапка: Путерот оставете го да омекне на собна температура, а потоа пенасто изматете го заедно со 100 г шеќер во прав. Потоа оставете го на страна. Во еден длабок сад ставете 600 г мелена плазма, и околу 250-300 г шеќер во прав, во зависнот од тоа колку сакате колачот да ви биде сладок.
Во смесата додадете и една кесичка ванилин шеќер, 100 г мелени ореви или печени, па сечкани лешници и малку промешајте ги сувите состојки со шпатула или лажица. Во мешавината од кексити најпрво додадете околу 350 мл сок од портокал.
Промешајте убаво за да се соединат состојките, па оценете дали треба да се додаде уште малку сок. Смесата треба да е ровка. Потоа додадете го изматениот путер и изматете го со миксер за убаво да се соединат состојките.
Смесата треба да биде мека и мазна, но цврста, да не паѓа од лажицата, Долгнавест, правоаголен калап обложете го со проѕирна фолија, па во него рамномерно распоредете ја смесата (лажицата натопувајте ја со ладна вода за да не ви лепи).
Одозгора израмнете и колачот оставете го фрижидер да излади на неколку часови или околу еден час во замрзнувач. Декорирајте со чоколаден прелив или со шлаг по желба. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
Крајниот резултат е феноменален. Може да сечете многу тенки парчиња, дури и за оние кои се на диета и одбегнуваат да јадат благо. Но верувајте, толку многу ќе ви се допадне, што сигурно сите ќе ви побараат уште едно парче.