Плазма колачот е десерт на моето детство. Често го подготвуваше мајка ми и баба ми, а јас и сестра ми најмногу го јадевме со шолја топло млеко или чај. Колачот е толку многу вкусен, а сестра ми со години вели дека е подобар и од палачинки. Јас им го подготвувам до ден денес на моите дечиња, со некои измени кои повеќе ни се допаѓаат дома. Колачот се подготвува брзо и лесно.




Нема печење и користите неколку едноставни состојки. Бидејќи често го подготвувам, сите намирници ги имам во секој момент дома, за во секој момент да можам да го направам. Колачот мора да отстои во фрижидер неколку часа пред послужување за да се стегне. Пред послужување треба да се извади од фрижидер да се опушти малку на собна температура. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 150 г плазма бисквити (може да користите и обични бели бисквити, 150 г мелена плазма, 200 г печени лешници или ореви, 200 г суви кајсии, 250 мл слатка павлака за колачот, 300 г чоколадо за готвење, 60 г путер/маргарин, 250 мл слатка павлака за декорација на тортата и мелена плазма за наросување.




ПОСТАПКА: Земете околу 150 г плазма бисквити и скршете ги на поголеми парчиња во подлабок сад. Потоа, земете 200 г кајсии и исечкајте ги на коцки или ленти, па додајте ги во садот со плазма бисквитите. Испечете ги и излупете ги лешниците, а ако користите веќе печени, исечкајте ги на поголеми парчиња (во оригиналниот рецепт пишува ореви, но бидејќи немав, користев лешници и тортата излезе повкусна од што очекував).




Лешниците се печат во плех, обложен со хартија за печење и внимателно се распоредуваат така што не треба да се преклопуваат во плехот. Печете ги на 180 степени, околу 10-15 минути, додека да ја испуштат својата прекрасна арома. Во садот  додајте ја мелената плазма, околу 150 г, а потоа и печените лешници/ореви.




Во едно помало тенџере сипете 250 мл слатка павлака и ставете го на рингла, која треба да биде вклучена на средна кон ниска температура. Загревајте ја павлаката сѐ до моментот пред зовривање (не смее да зоврие). Потоа тргнете го тенџерето од оган и додајте 300 г искршено чоколадо за готвење.




Додека слатката павлака е уште врела, додајте го и путерот (60 г) и енергично измешајте додека да добиете компактна смеса. Смесата ќе ви изгледа потенка, но така треба да изгледа затоа што се прелива врз бисквитот. Доколку павлаката за готвење брзо ви се олади (но не би требало) вратете го тенџерето на рингла и гответе со постојано мешање додека чоколадото и путерот да се растопат.




Со кремот и чоколадната смеса прелијте ги бисквитите и кајсиите и измешајте со жица/маталка додека убаво да се соединат. Подгответе си еден калап со флексибилен обрач и обложете го со проѕирна фолија. Калапот кој го користев е со дијаметар околу 30 см, па тортата излегува поширока и потенка, вие по желба може да ја направите и во помал калап.




Полека истурете ја смесата во калапот и израмнете ја со шпатула. Погрижете се смесата да биде добро притисната насекаде, т.е. да немате шуплини. Покријте го калапот со проѕирна фолија и оставете го во фрижидер да отстои преку ноќ.




Следниот ден извадете го прстенот и тргнете ја фолијата од колачот и ставете ја на чинија за сервирање. Одозгора можете да декорирате со шлаг, слатка павлака, ганаш крем итн. Мојот избор беше изматената слатка павлака како цврст шлаг и врз неа наросив мелена плазма.




Коментар на Вера: Тортата може да се истури во поголема, правоаголна тава и да се исече на помали коцки и да се послужи како помали колачиња. Вкусот ме потсетува на чоколадните триаголници со бисквити кои баба ми ги правеше за домашните прослави. Во нив ставаше петит бисквити, а не плазма. / Сoolinarka.сom.